Промоција на „101 сонет од една чудна пролет“ од Владимир Мартиновски

Владимир Мартиновски (1974) пишува поезија, проза, есеи и книжевна критика. Автор е на десетина книги поезија, исто толку книжевно-есеистички книги, четири книги куси прози и раскази, како и на две книги за деца.

Неговата поезија е преведена на дваесетина јазици. Добитник е на неколку книжевни награди. Се занимава и со музика. Разговорот со авторот ќе го води Николина Андова – Шопова.

Во поговорот на најновата поетска книга на В. Мартиновски, Оливера Ќорвезироска, меѓу другото, истакува: „101 сонет од една чудна пролет е несекојдневна збирка песни за песните, поезија заседната дома, во поетскиот занает. Преклопувањето на карантинот на луѓето (поетот) со карантинот на поезијата (автореференцијалната песна) се творечкото кредо на оваа збирка. Таа е претворање на врвното непоетско околу нас во врвно поетско за нас и во нас; вистински дар, најубавото лице на долгото седење дома пролетта на 2020 година. Сонетите не се непознати за поетското творештво на Мартиновски, но, сепак, цела збирка исклучиво со толкав голем и провокативен број сонети е вистински подвиг. Најзабележлива карактеристика на збиркава е удвоеноста на песните, спарувањето, дихотомноста. Речиси сите песни имаат свој парник, најчесто контрастен или само огледално обратен, утешителен или ризичен… Независно каков е односот на сонетите во диптисите, сметам дека најважното е тоа што секој сонет сам по себе функционира како грамофонска сингл-плоча со А и Б страна. Тоа е многу повеќе од поетски (и музички) шарм, тоа е апотеоза на дуалноста, на двете лица на секое нешто, на денот и ноќта, на лошото и доброто…”

Книгата е во издание на Кликер.Настанот ќе биде реализиран согласно протоколите за организирање настани во затворен простор. Ве молиме да се придржувате кон истите. Бројот на посетители е намален, носењето маски е задолжително за време на целиот настан.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.