Одбележани 40 години од доделувањето на Нобеловата награда за мир на Мајка Тереза

Министерот за култура Хусни Исмаили денеска ја посети Националната установа „Спомен-куќа на Мајка Тереза“, каде што одржа и прес-конференција заедно со директорот на оваа установа, Ариан Асланај, и со директорот на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците, Скендер Асани.

 

На прес-конференцијата директорот Асланај информираше за активностите на Установата, која годинава одбележа значаен јубилеј – 10 години од своето постоење, а се одбележува и 40-годишнината од доделувањето на Нобеловата награда на големата хуманистка. Во тој контекст беше потенцирана и скорешната посета на архивата во Луцерн од каде што се обезбедени повеќе од 500 документи поврзани со животот и делото на Мајка Тереза, а во рамките на посетата беше потпишан и меморандум за соработка.

 

Министерот Исмаили истакна пред новинарите дека за време на истражувањата спроведени во Швајцарија се обезбедени и 5 оригинални документи.

 

„Ценејќи ја работата на директорите Асланај и Асани, ние како Министерство ќе ја разгледаме можноста да се поддржи нивното објавување, осигурувајќи се дека тие се важни не само за оваа Спомен-куќа туку и за целата албанска нација, како и за сите заинтересирани за животот и делото на Мајка Тереза“, рече министерот за култура.

 

Тој додаде дека во „Спомен-куќата на Мајка Тереза“ годинава е поставено ново осветлување, реконципирана е постојаната поставка, која е збогатена со нови фотографии, оригинални документи и артефакти поврзани со животот и делото на големата хуманистка и добротворка, а е поставена и силиконска скулптура на Мајка Тереза во природна големина.

 

Установата „Спомен-куќа на Мајка Тереза“, која беше дел и од агендата на поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск, за време на неговата прва официјална посета на нашата земја на 7 мај годинава, со околу 100.000 посетители годишно, е една од најпосетуваните во градот.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.