Со претставата „Импулс #вол13“ отворена новата сезона на танцот

Во Музејот на современа уметност, синоќа со изведбата на претставата „Импулс #вол13“, Скопје танцовиот театар ја отвори сезоната на танцот 2019/2020.

 

Уникатниот амбиент, концептот и кореографиите на Адријана Данчевска, Дејан Битровски и Рисима Рисимкин, во простор осмислен од визуелните уметници Матеа Мијановиќ и Ивана Мојсовска, за публиката обезбедија несекојдневно естетко доживување.

 

„Вечерашниот настап во Музејот на современа уметност е она што сме ние во суштина. Уметностите секогаш одат рака под рака, а оваа локација и сценографија дополнително го оплеменија првото претставување за оваа сезона. Скопје танцовиот театар повторно покажува дека има извонреден број на следбеници, млада публика, која редовно нѐ следи и ужива во нашите проекти, што претставува голем поттик за нас. Уште една возбудлива сезона е пред нас и се радуваме на вака убав и впечатлив почеток. Голема благодарност до Музејот на современа уметност за соработката “, истакна Рисима Рисимкин,

 

На синоќешната претстава, беа претставени три приказни преку тензичен и возбудлив танц на Анастасија Данчевска, Бобан Русески, Исидора Краљевска, Борис Богдановски, Дамла Пинар Башар, Сара Цветковска, Анастасија Данчевска, Јована Зајкова и Тереза Лазарев. Младите танчери и кореографи беа поздравени со овации, а присутните потоа ги забавуваше музиката на познатиот диџеј Soul Case.  

 

„Скопје танцовиот театар“ ветува богата сезона, нови оригинални продукции, гостувања на кореографи од странство, но и гостувања на театарот низ земјава и во странство. Покрај редовните активности, театарот се подготвува и за гостувањето во Националниот театар за современ танц „Шајо“ во Париз, во сезона 2020/2021. Престижниот француски театар, еден од симболите на светската културна елита, ќе биде домаќин на „Скопје танцовиот театар“ следната сезона, во која „Шајо“ ќе одбележи еден век постоење.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.