
„Јон Вардар“ во трка за престижната награда Пулчинела во Италија
- Детали
- Категорија: Култура
- Создадено: 29 Мај 2025

На 29 мај 2025 година, првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“ ќе ја има својата италијанска премиера на реномираниот фестивал Cartoons on the Bay во Пескара. Овој фестивал, организиран од италијанската национална телевизија РАИ, претставува водечки настан во Италија посветен на анимацијата, трансмедијата и визуелните уметности.
Филмот е дел од официјалната селекција и се натпреварува за престижната награда Пулчинела (Pulcinella) – едно од највисоките признанија во светот на анимацијата. За наградите ќе одлучува меѓународно жири составено од реномирани професионалци, водено од Роб Минкоф, ко-режисер на безвременскиот класик „Кралот Лав“ (1994). Минкоф оваа година ќе биде одликуван со награда за животно дело за неговиот исклучителен придонес за анимираниот филм.
Фестивалот ќе трае до 1 јуни и во својата богата програма годинава ќе ги собере најзначајните анимациски остварувања од целиот свет. Предвидени се и работилници и дискусии за професионалците и љубителите на анимацијата.
Италијанската премиера на „Јон Вардар против Галаксијата“ на овој фестивал е значаен чекор за македонската анимација, претставувајќи ја на меѓународната сцена и отворајќи нови можности за нејзин развој и афирмација.
Филмот е во сценарио и режија на Гоце Цветановски, арт директор е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, продуцент е Алан Кастиљо, а главните улоги ги толкуваат Жарко Димоски, Емилија Мицевска и Дамјан Цветановски. Филмот е поддржан од Агенцијата за Филм.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
