
Македонскиот краток експериментален филм „Лима“на 78. издание на Канскиот фестивал
- Детали
- Категорија: Култура
- Создадено: 19 Мај 2025

Македонскиот експериментален филм „Лима“ во режија на Батухан Ибрахим, годинава беше селектиран на „Short Film Corner“ на Канскиот филмски фестивал.
Филмот ќе има и затворена проекција на Кан наменета за филмски дистрибутери и филмски селектори. Проекцијата е закажана за среда, 21 мај, во рамки на SFC | Rendez-vous Industry на 78. издание на фестивалот.
„Лима“ е експериментален филм кој го следи патувањето на три силуети низ времето, низ просторот на поранешна Југославија, низ урнатини од заборавени спомени и скршена надеж. Играјќи си со спомените, минатото и трансформативната моќ на она што било и може да биде, филмот прикажува една дисторзирана перцепција на просторот, телото и времето. Препуштајќи се на ритамот на минатото, трите тела будат еден исчезнат, замрзнат во времето, свет кој пркосно одбива целосно да избледе од сеќавањето.
Батухан Ибрахим е филмски режисер и сценарист, магистер по филмска и ТВ режија при Факултетот за драмски уметности – УКИМ. Неговото творештво опфаќа кратки играни, експериментални и документарни филмови. Неговиот студентски филм „Twisted“ (2020) е прикажан на повеќе од 20 интернационални фестивали и е добитник на 8 награди. Независниот филм „Мавера“ (2023) доби специјално признание на ИФФК „Браќа Манаки“ и беше дел од неколку реномирани фестивали, вклучувајќи ја и официјалната селекција на филмскиот фестивал во Тирана. Во моментов работи на својот прв долгометражен игран филм, како и на неколку нови краткометражни проекти.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
