Бектеши: Со доработениот закон за минерални суровини се заоструваат условите за работа на концесионерите

Министерството за економија во соработка со невладините организации и рударскиот сектор и сите засегнати страни го доработи предлог-законот за минерални суровини кој претходно беше во собраниска постапка, но беше повлечен од страна на Министерството за економија.

Во изминатите неколку месеци беа направени повеќе работни средби со претставници од невладините организации во делот на заштита на животната средина, како и со претставници на здружението за рударство, по што текстот на законот беше значително подобрен, информираше министерот за економија, Крешник Бектеши, на прес-конференцијата на која ги презентираше предлог-измените и дополнувањата на Законот за минерални суровини коишто беа усвоени на последната седница на Владата.

Министерот информираше дека со последните законски измени се додаваат повеќе основи за едностран раскин на договорот за концесија за експлоатација на минерални суровини од страна на државата, со што се заоструваат условите за работа на концесионерите.

„Исто така со ова законско решение се зајакнуваат мерките за следење на наплатата на концесиски надоместоци и се додаваат јасни и прецизни услови за достава на финансиска гаранција која би покрила настанати штети, доколку концесионерот не го рекултивира земјиштето коешто е деградирано со експлоатација. Исто така во измените и долнувањата на предлог-законот за минерални суровини се вметнати сите забелешки дадени од страна на Државниот завод за ревизија од објавениот извештај за 'Ефективност на мерките и активностите за искористување на минералните суровини и наплата на надоместоците',со што се предвидува отстранување на системските недоречености во делот на контролата на наплата на концесиите“ кажа Бектеши.

Меѓу клучните новини во последните измени и дополнувања на Законот за минерални суровини, како што информираше Бектеши се: со предлог-законот се овозможува намалување на износот на глобите за субјектите, доколку согласно Законот за трговските друштва се класифицирани како микро и мали трговци, додека за останатите трговци, класифицирани како средни и големи, износот на глобата во поголемите прекршоци се предлага да биде зголемен.

Се додава одредба според која концесија не може да му се додели на правно лице кое учествувало на јавен повик за доделување концесија а не го платил понудениот надоместок.

Се овозможува и општините да поднесат барање за добивање концесија за експлоатација за потребите за изградба на општински пат, по утврдената постапка за изградба на државни патишта.

Се додава обврска со која концесијата за експлоатација може да се раскине поради битна повреда на одредбите од договорот или на законите и прописите што се применуваат на договорот, во случај кога вршењето на експлоатацијата го нарушува јавниот интерес и кога концесионерот врши експлоатација надвор од просторот на кој е доделена концесијата со договорот за концесија.

Основ за раскин на договорот за концесија е и доколку концесионерот експлоатира помалку од 20 проценти од предвидената количина на минерална суровина согласно главниот рударски проект, во текот на една година, освен доколку концесионерот достави образложение за причината за намалената експлоатација, кое го разгледува комисија формирана од министерот.

Во делот на наплатата на концесиските надоместоци се доуредува одредбата со која 78% од платениот концесискиот надоместок е приход во буџетот на општината на чија територија се врши концесиската дејност, во насока дека прибавените средства по овој основ треба да бидат наменети за вршење општествени или комунални дејности од интерес за општината.

Се прецизираат условите за висината и рокот на важење на финансиската гаранција од членот 96 од Законот и се предвидува преодна одредба со која концесионерите имаат рок од две години да ја достават, во спротивно еднострано ќе се раскине договорот за концесија, информираат од Министерството за економија.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.