Заев со менаџментот на „Лидл“: Со модерен начин на водење трговија ќе дадете нов стимул за нашата економија

Премиерот Зоран Заев, заедно со министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, и со скопскиот градоначалник Петре Шилегов, денеска одржа состанок со менаџментот на реномираната германска компанија „Лидл“.

Како што пренесуваат од владината прес-служба, на состанокот се разговарало за новата инвестиција на овој трговски синџир во нашата земја за што компанијата веќе е регистрирана во Северна Македонија.

„Новите инвестиции се од голема важност за земјава во насока на зголемување на понудата, нови вработувања, како и подобрување на севкупната економија. 'Лидл' има позитивни практики во поглед на пазарот на труд, обучување на своите вработени, како и практикување модерен начин за водење трговија“, нагласил премиерот на средбата.

Од менаџментот на „Лидл“ истакнале дека компанијата планира својата прва инвестиција во земјата да ја реализира преку изградба на сопствен модерен логистички центар, кој ќе ги поседува сите меѓународни сертификати на „Лидл“ и кој ќе служи како центар за снабдување на синџирот маркети. Опремата што ќе се користи во центарот за логистика е според најсовремените стандарди во Европа.

Во однос на стратегијата за експанзија било истакнато дека сите маркети што „Лидл“ планира да ги отвори во земјата ќе бидат позиционирани во градовите со одржлива демографска и економска моќ.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.