Поенти референдум: Со гласот „Зa" се отвораат перспективите за државата

Македонија заслужува после 27 години да биде нормална земја каде ќе се живее мирно и спокојно, перспективно и достоинствено, со млади вработени, со добро образование и добро здравство, со развој на туризмот и економијата, порачуваат поддржувачите на референдумот.

 

На вчерашните трибини организирани во пресрет на референдумот тие посочија дека со секој глас „За“ на 30 септември се отвораат нови фондови и можности за државата. 

 

-  Единствената партија која сега е пред нас се вика Македонија. Друга партија немаме. Ова не се избори, не одлучуваме за некој поединец, одлучуваме за нашата Македонија, им порача премиерот Зоран Заев на граѓаните на Демир Капија. 

 

Додаде дека ако се гласа „За“ на референдумот ќе се влијае за да се отворат сите можни перспективи за државата, а ако се гласа „против“ тогаш ќе ни биде жал, додека оние што ќе бојкотираат, како што рече, ќе се срамат.

 

- Тоа е исто како какво семе ќе засадиме. Ако засадиме семе „За“ ќе никне убава лозинка која ќе даде убав род и богат плод. Ако засадиме „против“ ќе никне прачка која нема да даде никаков род, а ако засадиме бојкот тогаш само трње и троскот може да чекаме, рече Заев.

 

Поддржувачите на референдумското „Зa“ истакнуваат дека од членството во НАТО и ЕУ државата ќе добие стабилност, безбедност, економски просперитет, повисоки плати и подобар стандард за граѓаните. 

 

- На 30 септември имаме шанса да обезбедиме Македонија да биде безбедна и стабилна држава, да не се грижиме за тоа дали ќе не биде, дали ќе ги зачуваме истите граници, а во исто време и да и гарантираме на нашата земја повеќе пари за патишта, локална инфраструктура, подобро образование и здравство, рече министерката за одбрана Радмила Шекеринска во Свети Николе.

 

Пред граѓаните, Шекеринска истакна дека вратите за нашата држава се отворени и оти граѓаните се оние кои ќе ја донесат одлуката во недела. - Успеавме да ја отвориме вратата за Македонија, но дали ќе го преминеме прагот, дали ќе ги добиеме тие средства, дали ќе ги добиеме тие шанси зависи од граѓаните на нашата земја, рече Шекеринска, додавајќи дека Владата ќе го почитува мислењето на мнозинството граѓани кои ќе го искористат своето граѓанско право.

 

Со перспективите што и се отвораат на државата со влезот во ЕУ и НАТО ќе се задржат и младите да останат дома и да ја градат својата иднина, смета шефот на македонската дипломатија Никола Димитров, кој вчера на младите во Делчево им порача дека тие треба да го направат исчекорот напред. 

 

- Во Делчево отскокнува иселувањето и тоа е предизвик со која се соочува целата нација. Тоа не можеме да го спречиме доколку Македонија не ја направиме европска. Не можеме да се натпреваруваме со македонскиот пасош со држави членки на ЕУ, ако ние не сме членка, ако нашиот македонски пасош не дава исти права за нашите граѓани како пасошите на европските држави. Имаме историска шанса, рече Димитров.

 

И американскиот амбасадор во земјава Џес Бејли вчера порача дека одлуката што граѓаните ќе ја донесат во недела е многу важна. 

 

-  Драго ми е што сум овде на оваа крстосница на Македонија, во време кога Македонија е на крстосница и многу важната одлука на граѓаните што треба да ја донесат неделава што претстои. Се надевам дека граѓаните ќе излезат и ќе го искажат своето мислење, кое и да е тоа, ова е значаен дел од демократскиот процес, рече Бејли при посетата на општина Куманово.

 

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.