Евидентирани 12 случаи на фотографирање гласачко ливче, шест пријави за нудење поткуп и 15 пријави за агитирање, соопшти Тошковски

Според министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денешниот изборен ден поминал во безбедна, мирна и демократска атмосфера.

Како што рече, безбедните избори биле резултат на добрата соработка меѓу полицијата, Државната изборна комисија и сите други чинители кои биле вклучени во спроведувањето на изборниот процес

„Овие избори беа уште еден тест за демократијата и во таа насока сакам да им честитам на граѓаните кои излегоа на гласање и ја исполнија својата граѓанска должност и со тоа уште еднаш го истакнаа демократскиот капацитет на државата и значењето на нивната активна улога во градењето на инклузивно општество“, кажа Тошковски.

Истакна дека биле евидентирани повеќе настани кои се однесуваат на прекршување на изборниот процес.

„На ниво на целата држава евидентирани се 12 случаи на фотографирање на гласачкото ливче, два случаи на кинење на гласачко ливче, шест пријави за нудење на поткуп и 15 пријави за агитирање. На подрачје на СВР Скопје во врска со пријавата за испукана димна бомба од страна на тимот за антитероризам извршена е проверка , подигната е направата и предадена е на претседателот на избирачкиот одбор. Констатирани се шест прекршоци, а ќе бидат поднесени и две кривични пријави, една за повреда на тајност на гласањето и една за повреда на избирачко право“, потенцира Тошковски.

Во Охрид било пријавено јавно гласање пред комисијата а во Тетово биле пријавени упатени навреди кон шеф на штаб на политичка партија.

Во Куманово како што додаде, две гласачки места во село Умин Дол биле затворени а избирачкиот материјал бил вратен во канцелариите на ОИК.

Во Струмица едно лице го покажало гласачкото ливче на набљудувач.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.