All for Joomla All for Webmasters

Утре премиера на филмот Ах, љубов моја

„Ах, љубов моја“

По големиот број успешно реализирани изведби на претставата Ах љубов моја, режисерот на претставата, Коле Ангеловски одлучи да ја екранизира приказната, во која акцентот, за разлика од многу други филмови кои се снимаат кај нас, е ставен на љубовта.

 

Филмот „Ах, љубов моја“  премиерно ќе биде прикажан утревечер во рамки на Скопскиот филмски фестивал, со почеток во 20.30 часот во киното „Милениум“.

 

Проектот е поддржан од Агенцијата за филм на Република Македонија во 2015 година со 14,3 милиони денари, а завршен само за две години. Вкупниот буџет на филмот е околу 20 милиони денари.  

 

Директорката на Агенцијата за филм Мими Ѓоргоска-Илиевска на денешната прес-конференција истакна дека Коле Ангеловски одбележува 55 години на филмското платно. Во 1962 година тој првпат се појави како дебитант во играното остварување „Саша“. 

 

Ѓоргоска-Илиевска нагласи дека „Ах, љубов моја“ е љубовна комедија и додаде оти жанрот комедија е ретко присутна во македонската кинематографија. Изрази надеж дека и ова филмско остварување ќе предизвика голем интерес кај публиката и ќе покаже разноликост во македонската кинематографија.

 

Режисерот и сценарист Ангеловски, кој македонската кинематографија за збогати со култната претстава, а потоа и серија Викенд на мртовски, потенцира дека направил сценарио или приказна за љубовта, но гледано од хумористичен аспект. При создавањето на филмот, како што нагласи Ангеловски, не му било важно истиот да освои голема награда на Канскиот или Венецијанскиот фестива, туку да и се допадне на публиката.

 

Филмот е снимен на повеќе локации низ Македонија, во Скопје и во Маврово, во продукција на Авард Филм и Видео и копродуцентите - Квазар Филм и КТ Филм и Медиа. Продуценти се Горан Стојилковиќ, Димитар Николов и Владимир Стојчевски, а сценограф Илина Ангеловска. Костимографи се Лира Грабул и Раде Василев, музиката е на Венко Серафимов.

 

Актерската екипја ја сочинуваат Нина Деан, Атанас Атанасовски, Александар Микиќ, Соња Стамболџиева, Роберт Ристов, Жарко Димоски, Крсте Јовановски, Марија Кондовска, Ердоан Максут, Кристина Ласовска, Валентин Костадиновски, Ева Скендеровска, Едмонд Сотир и Андон Јовановски. 

 

Актерката Марија Кондовска потенцира дека е бескрајно среќна што работи со Коле Ангеловски. Од 27 април филмот ќе биде на редовен репертоар во кината „Cineplexx“ и „Милениум“ и низ кината во Македонија. 

 

Годинава се очекуваат премиери на уште пет македонски филмови: „Годината на мајмунот“ во режија на Владимир Блажевски, „Жртва“ на Марија Џиџева, „Тајната состојка“ на Ѓорче Ставревски, „Незаборавна пролет во заборавено село“ на Куштрим Бектеши и „Чекај ме/Сведок“ на Митко Панов.

   

Забрането е превземање или копирање на авторски содржини (текстови,фотографии,видеа) без претходна писмена согласнот од МТМ ТВ. Доколку сметате дека вашето авторско право е повредено, ве молиме контактирајте не на Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.

© 2017 MTM ТВ Дооел - Скопје. Изработка и хостинг: Делта Софт ЛТД - Гевгелија. Сите права се заштитени. | Мапа на сајтот | RSS |