ММФ му дава на Египет финансиска помош од осум милијарди евра

Извршниот одбор на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) денеска одобри проширена програма за финансиска помош од осум милијарди евра за Египет, објави институцијата.

ММФ се согласи да ја прошири претходната програма за помош затоа што веќе разнишаната египетска економија беше дополнително погодена од војната во Газа, која го намали бројот на пристигнувања на туристи, како и кризата што резултираше во Црвеното Море, каде јеменските Хути напаѓаат трговски бродови со што се намалува сообраќајот низ Суецкиот канал. Ова се двата најголеми извори на египетски приход.

„Тешките надворешни околности создадени од руската војна во Украина дополнително се влошуваат со конфликтот во Газа и Израел, како и тензиите на Црвеното Море“, објави ММФ.

Новиот договор се надоврзува на претходниот договор од три милијарди долари од декември 2022 година, кој беше прекинат откако Египет не ги исполни договорените реформи.

ММФ повикува на построга фискална и монетарна политика, помалку јавни инвестиции и ослободување на приватниот сектор.

Тука спаѓа и постепеното намалување на субвенциите на кои отпаѓа голем дел од буџетот.

Египет изгуби повеќе од половина од вредноста на својата валута од почетокот на руската инвазија на Украина. Таа е, заедно со Индонезија, еден од најголемите увозници на пченица од Русија и Украина.

Минатиот месец Египет ги продаде правата за развој на медитеранскиот град Рас Ел Хекма на Обединетите Арапски Емирати за 24 милијарди долари. Во истиот месец потврдени се шест милијарди евра помош од Светската банка и 8,1 милијарда од Европската унија.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.