Бројни сателити прелетаа на небото, а се гледаше и планетата Венера

Бројни сателити ноќва прелетаа на небото, а глетката можеа да ја видат граѓаните во земјава. Летечките тела налик на месечини во разлика од неколку минути една за друга од правец запад кон исток, беа несекојдневна глетка.

Граѓаните кои завчера беа сведоци на сличен призор, сега ги очекуваа информирани од скопското астрономско дрѕуштво.

Бројни забуни и неверувања за тоа што точно се случува на небото, од претпоставки дека станува збор за НЛО до нешто кое поврзано со актуелната состојба со коронавирусот ги поделија мислењата на социјалните мрежи.

Сепак, скопското Астрономско друштво даде објаснување за оваа несекојдневна појава.

„Прво е планетата Венера. Овие денови се наоѓа на запад кога ќе се стемни и како заоѓа оди во правец север. Со својот исклучително голем сјај ги збунува луѓето. Венера е после Сонце и месечина нешто најсјајно на небото и може дури да се види дури и во денот ако знаете нејзина точна локација. Во народ е позната како ѕвезда Деница или Вечерница затоа што навестуваат доаѓање на денот или вечерта. Исто така над 50% од пријавувани НЛО се должи на погрешно интерпретирање на набљудување на Венера или просто незнаењето“.

„Втори се сателитите, а особено новата класа на телекомуникациски сателити наречени „Старлинк“, од компанијата СпејсИкс (SpaceX). Овие сателити се лансираат по 60 одеднаш, и до сега се лансирани 5 ракети со по 60 сателити. Во план е во иднина да бидат лансирани 12.000 само во првиот налет, а потоа тој број ќе се мултиплицира многукратно, така да можеби во иднина ќе гледате многу повеќе сателити, отколку ѕвезди. Овие сателити одат по небото како некој воз, во ред еден зад друг, и добивме многу повици и пораки со молба да им разјасниме на луѓето што е тоа што го гледаат на небото. Се надеваме дека со ова делумно, или целосно, ќе им ја разјасниме мистеријата“, пишуваат од скопското Астрономско друштво.

Ако се наоѓате некаде надвор од големи урбани средини каде има големо светлинско загадување, можете да видите и еден долг облак кој се протега низ целото небо, и кој овој период е видлив во раните утрински часови. Се работи за нашата галаксија, односно Млечниот Пат.

„Ако не сте го виделе, тогаш вреди и да се разбудите и да го видите. Ако не, почекајте лето. Тогаш ќе се гледа веднаш по стемнување и речиси цела ноќ ќе може да го гледате“, велат од Астрономското друштво.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.