Дизајнирањето игри – предизвик и за петтоодделенец и за четириесетгодишник

Анимацијата, 3Д-дизајнот и креирањето игри се предизвик за различни генерации. Најмладиот учесник на обуките што се организираат во рамките на традиционалниот едукативен настан „ИТ-новум" е петтоодделенец, а највозрасниот 44-годишник, кој се вклучил за да ги поддржи своите деца. 
 
Имале и учесник од 41 година, кој по обуките запишал студии и се вработил во визуелната индустрија.

 

Различни тимови од по десет млади лица секој ден од почетокот на месецов учат и креираат игри во М3ДС-академијата за 3Д и гејм-дизајн во Скопје, според насоките од Стефан Митров, најмладиот авторизиран тренинг-инструктор за Аутодекс во светот.

 

– На обуките може да учествува секој. Ова е натпревар на кој се обучуваат четири часа и потоа со тоа знаење се натпреваруваат. По обуката добиваат меѓународен сертификат што е глобално признат со матичен број, со што ќе имаат поени за упис на секој факултет. Дизајнираат игра бидејќи со знаењето што го добиле можат да креираат мини играчка. Ги оценуваме нивните тимски способности, се пријавуваат индивидуалци и потоа соработуваат иако не се виделе претходно, раскажува за МИА Митров.

 

„ИТ-новум" се реализира четврти пат. Од пријавените 750 лица ќе бидат обучени 600. Успех, според Митров, ќе биде ако барем 10 проценти од нив во иднина станат дел од визуелната индустрија. Од обучените 120 во 2016 година 30 се запишале на обласни студии, додека петмина работат во визуелната индустрија, а од 220 кои поминале обуки во 2017 работат 20.

 

Хардкопи-модели за мотивација

 

М3ДС-академијата, каде што до 20 месецов има секојдневни бесплатни работилници за обуки, ја красат разновидни 3Д-принтови. Изработката ја сметаат како хоби, иако имаат цела работилница со соодветни алати.

– Го нарекуваме хоби, интересна работа е да го допреш својот модел. Не само да го видиш визуелно во екран, туку можеш да го видиш како хардкопи, вели Митров.

Најголемиот и најинтересниот го изработил Петар Котевски, средношколец од гимназијата „Орце Николов", еден од најуспешните студенти во 3Д-академијата со работен ангажман за видеоиндустријата надвор од државава.

-Принтовите ги правиме чисто за да ги претставиме студентите, да им се даде мотивација и ним и на новите генерации. Не ги користиме само како сувенир, туку и како мотивација. Тие покажуваат што сме имале во минатото, односно кај сме биле и како напредуваме. Сме почнале со принтови од 10 сантиметри, а сега стасавме до најголемите во државата. Во тек сме на изработка на најголемиот 3Д-принт на Балканот, но не за да кажеме дека го правиме најголемиот, туку дека сме ги надминале сопствените граници, забележува Митров.

 

Одлив на специјалистите за визуелна индустрија

Според Митров, со едукативниот настан придонесуваат за раст од 70 проценти во визуелната индустрија со додавање нов и свеж кадар. Анимацијата, 3Д-дизјанот и креирањето, како што вели, не се толку развиени гранки од информатичката област во државава, но состојбата може да се подобри со позитивни проекти и иницијативи.

– Во странство како креативни директори работат многу специјалисти од Македонија. Државава нема соодветни проекти за да ги плаќа и тие ја напуштаат за да работат за поголема плата и тие не им го пренесуваат знаењето на помладите генерации. Затоа тука доаѓа до сечење на секоја генерација и затоа гледаме ние специјалистите кои сме останати тука и нашите инструктори да дадеме мотивација со поттик за обуките, што од наша страна е најголемо спонзорство во визуелната индустрија, вели Митров.

Перспективата за работа, посочува, сè уште се развива. Оние што ќе се обучат можат да работат во македонските студија, кои веќе земаат поголеми простории, а можат и хонорарно да работат за странски компании во визуелната индустрија.

 

Најмлад авторизиран тренинг-инструктор за Аутодекс во светот

Митров е најмлад авторизиран тренинг-инструктор кој почнал да предава на 20 години. За над 90 компании изработил 190 проекти за визуелната индустрија. Негово дело е визуализацијата на автопатиштата на Дубаи 2020 Експо, дизајнирал роботи за јапонската индустрија, а работел и за германската индустрија. Најголемиот проект му е изработка на игра за американска компанија, проект што траел 1,5 година и во кој изработил над 3 000 модели.

За него најголем предизвик и цел е да направи глобално најдобра академија на планетава. Би бил презадоволен кога би се нашле на светската листа на академии, каде што нема да се борат со бројка на запишани студенти, туку со квалитет.

Во Скопје ќе гостуваат гиганти од технологијата, иновациите и бизнисот

Презнаениот потенцијал на кадарот во државава е причина за доаѓањето на гигантските спикери на конференцијата M3 за компјутерска графика, анимација и 3Д, која ќе се одржи од 22 до 24 месецов во Скопје, во организација на М3ДС-академијата.

Конференцијата ќе обедини дел од глобалните лидери во технологијата, иновациите и бизнисот. Влијателни личности од светот на компјутерската графика, вклучувајќи ги 3Д-областа, анимацијата, филмската продукција, производството на игри, виртуелната реалност. Од врвни компании и студија ќе ги поделат своите искуства. Ќе даваат совети за компјутерската анимација, модеирањето, гејминг-индустријата и филмската индустрија.

-Ова е почеток на нешто што во иднина треба да прерасне во центар за визуелната индустрија на Балканот. Ќе има над 300 учесници, при што клучни ни се од Сони пичкрс, кои ќе претставуваат како се изработуваат филмови, како што е Спајдермен, а од Лукас филмс Горан Кочов, Македонец познат во индустријата кој работи на старворс-филмовите. Ќе имаме исто така и учесници од Пиксар, Дримворкс, Имиџворкс, најавува Митров.

Лидија Велковска





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.