„Фолксваген" планира производство на евтини електрични автомобили

На пазарот за електрични возила ќе станува сè поинтересно. Германскиот гигант „Фолксваген" (VW) планира да конкурира на „Тесла" со евтини електрични автомобили кои ќе ги произведува во Германија, за да ги задржи работните места во земјата.
 
 
Три од фабриките на „Фолксваген" ќе бидат преориентирани кон производство на електрични возила по цена до 20.000 евра, соопштија локалните медиуми. Веста не е потврдена официјално од германскиот производител.
 
 
„Фолксваген" и други автопроизводители се обидуваат да се прилагодат кон строгите правила, воведени по откритијата за фалсификување на тестовите за емисиите на гасови од дизел моторите. Неодамна главниот извршен директор на „Фолксваген", Херберт Дајс предупреди дека автомобилското производство во Германија е на пат да исчезне.
 
 
По повикот на ОН за одлучна акција за забавување на глобалното затоплување, законодавците во ЕУ се согласија да ги намалат емисиите од автомобилите за 35 отсто до 2030 година. Според Дајс, за постигнување на оваа цел, „Фолксваген" треба да го зголеми уделот на електрични возила во вкупниот обем на своите продажби до 30 отсот.
 
 
Плановите на „Фолксваген" поврзани со пуштање на електричните автомобили „МЕБ Ентри" и „АјДи Аеро" ќе се дискутира на седница на надзорниот одбор на компанијата подоцна овој месец. Засега од автомобилскиот производител нема официјални коментари за информациите кои се појавија во германските медиуми. 




Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.