Порака со смртни закани оставена во џамија во Франција: Војната почна

Џамија во областа Вернон во северна Франција, каде што е забележан раст на исламофобичните напади, доби порака со смртна закана чија цел се исламот и муслиманите, пренесува „Анадолија“.

Според соопштението објавено на твитер-профилот на „Islam&Info“, во пораката оставена во поштенското сандаче на џамијата во Вернон биле напишани смртни закани и навреди кон Турците, Арапите и заедницата што редовно ја посетува џамијата.

„Војната почна. Ќе ве истераме од нашата земја. Ќе одговарате за смртта на Самуел“, се вели во пораката, во која биле користени вулгарни изрази за покриените муслимански жени.

Самуел Пети, професор на колеџот Боа-д-Олн во Конфланс-Сант-Онорин, беше обезглавен на 16 октомври од Абдулах Анзоров, 18-годишник со чеченско потекло, како одмазда за прикажувањето на контроверзните карикатури на муслиманскиот пророк Мухамед на своите студенти за време на едно од неговите предавања за слободата на говорот.

Инаку, пред извесно време Големата џамија во Пантин беше затворена за шест месеци откако сподели видео на својата страница на Фејсбук во кое го критикува Пети пред неговото убиство.

Претходно овој месец, францускиот претседател Емануел Макрон ги обвини француските муслимани за сепаратизам и го опиша исламот како религија во криза низ целиот свет.

Тензиите дополнително ескалираа по убиството на Пети. Макрон му оддаде почит и рече дека Франција нема да се откаже од карикатурите, а карикатурите на францускиот сатиричен неделник „Шарли ебдо“ беа проектирани и врз зградите во неколку града.

Неколку арапски земји, како и Турција, Иран и Пакистан, го критикуваа односот на Макрон кон муслиманите и исламот, а турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган рече дека на францускиот лидер му треба ментален третман.

Додека повиците за бојкот на француските производи кружат преку Интернет во многу земји, Ердоган ги повика Турците никогаш да не им помагаат на француските брендови или да ги купуваат.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.