Прогласена вонредна состојба во Белград

Во Белград денеска е прогласена вонредна состојба како резултат на влошената епидемиолошка состојба. Ваквата одлука е донесена на седницата на Градскиот кризен штаб.

Како што претходно објасни заменик-градоначалникот на Белград, Горан Весиќ, за ТВ Прва, ова е стандардна постапка така што може да се изменат мерките што ги објави синоќа претседателот на Србија, Александар Вучиќ, а кои се однесуваат на влошената епидемиолошка состојба во Белград.

Тој објасни дека мора да се исполнат одредени формални услови за да се спроведат мерките на Републичкиот кризен штаб, а првата е да се организира седница на Градскиот штаб за итни случаи и да се прогласи вонредна состојба на територијата на градот Белград.

Весиќ прецизираше за ТВ Прва дека, според постапката, Владата на Србија потоа ќе донесе одлука да пропише одредени мерки на територијата на градот Белград, врз основа на одлуката на градскиот штаб за прогласување  вонредна состојба.

Кога станува збор за мерките, се забранува влез во затворени простории без маска, каде ќе треба да се почитува растојанието од 1,5 метри, додека сите што користат јавен превоз ќе треба да носат маски, за што ќе бидат предвидени одредени санкции.

Покрај тоа, ќе биде забрането да се соберат повеќе од сто луѓе во затворено и повеќе од 500 на отворено.

Работата на угостителите ќе биде ограничена и нема да се работи помеѓу 23 часот и 6 часот наутро.

„Овие мерки ќе ги воведеме на две недели и сметаме дека ќе биде доволно да се вратиме во нормален живот по тоа. Во секој случај, доколку има нови мерки, граѓаните ќе бидат навреме известени“, рече заменик-градоначалникот.

Вучиќ синоќа, како гостин на РТС, рече дека над 82% од заразените со коронавирус се во Белград и затоа се потребни нови мерки.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.