Жена намерно кашлала врз храна во продавница во САД, фрлени производи вредни 35.000 долари

Жена во маркет во Пенсилванија намерно кашлала врз храна во вредност од 35.000 долари поради што, веројатно, ќе се соочи со кривична пријава, јави Си-ен-ен.

Жената, чиј идентитет властите не го откриваат, влегла во мала продавница во градот Хановер Тауншип и почнала да кашла врз пекарски производи, месо и други производи, напиша на „Фејсбук“, Џо Фасула, косопственик на синџир маркети.

Вработените во продавницата веднаш ја исфрлиле жената и ја повикале полицијата, која неколку часа подоцна ја пронашла престапничката и ја одвела во притвор.

Полицијата соопшти дека жената намерно сакала да ја зарази храната и дека има намера да поднесе кривична пријава против неа кога ќе се изврши психијатриска процена.

Властите не знаат дали станува збор за заразена со коронавирус, но Фасула на „Фејсбук“ напишал дека компанијата ќе стори сè што е во нивна моќ за да го откријат тоа.

И покрај тоа што се смета дека станува збор само за болна шега, Фасула рече дека од продавницата исфрлиле производи во вредност од 35.000 долари и го дезинфицирале просторот.

„Жал ми е за изгубената храна. Секогаш е срамно кога залудно се фрла храна, особено во овие времиња кога многу луѓе се загрижени дека нема да дојдат до потребните производи поради масовната потрошувачка“, напиша Фасула на социјалните мрежи.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.