Чави: Прерано е јас да бидам тренер на Барселона

Легендата на Барселона, Чави Ернандез, призна дека ја одбил понудата на својот поранешен клуб да го замени Едуардо Валверде пред Каталонците да се решат да го постават Кике Сетиен на позицијата, оценувајќи дека е „прерано“ тој да ја прифати работата од соништата.

 

Валверде беше отпуштен по 3:2 поразот од Атлетико Мадрид во полуфиналето на Суперкупот на Шпанија, по што управата на клубот преговараше со Чави и со уште еден поранешен фудбалер на клубот, холандскиот селектор Роналд Куман. Чави, кој работи како тренер на катарскиот Ал-Сад, се сретнал со техничкиот директор Ерик Абидал и генералниот директор Оскар Грау, но им порачал дека му е потребно уште искуство.

 

„Да, добив понуда од Барселона по средбата со Абидал и Грау, но не ја прифатив. Прерано е јас да бидам тренер на Барселона, иако ќе продолжам да сонувам еден ден да бидам на таа позиција. Им го кажав тоа и на моите играчи од Ал-Сад, бидејќи тие ги читаа весниците. Три дена бев во таа ситуација, но сега сум посветен на клубот“, вели Чави.

 

Во исто време, претседателот на Барселона, Жозеп Марија Бартомеу во изјава за каталонскиот „Спорт“ објасни дека нема сомнеж дека еден ден Чави ќе се врати во Каталонија.

 

„Чави ќе биде тренер на Барселона еден ден, во тоа нема сомнежи. Се работи за способна личност која совршено го разбира нашиот фудбал“, изјави Бартомеу.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.