Даглас Коста е херојот на Јуве, Баерн пресилен за Олимпијакос

Бразилскиот фудбалер Даглас Коста ѝ донесе триумф на „старата дама“ во Москва кај Локомотив со голот постигнат во 93. минута. Јувентус го совлада домашниот тим со 2-1 и освои три значајни бода со кои се искачи на врвот на табелата во групата Д во Лигата на шампионите.

 

Резултатот на мечот, кој апочна во 18.55 часот, го отвори Рамзи уште во 4. минута со гол од непосредна близина по грешката на голманот на московскиот клуб Гилерме. Кристијано Роналдо биеше од слободен удар кон противничкиот гол, топката се лизна од рацете на голманот, па на самата гол-линија реагира Рамзи за 0-1. Со овој потег Велшанецот му ја скрати можноста на Роналдо да се израдува на првиот постигнат гол од слободен удар во дресот на Јуве.

 

Водството на гостите од Торино траеше само 8 минути. Во 12. минута од мечот домашниот фудбалер Миранчук погоди за 1-1.

 

Кога сите на стадионот во Москва очекуваа крај на мечот и поделба на пленот, Даглас Коста направи слалом низ противничката одбрана и со одмерен удар по земјата низ нозете на голманот Гилерме донесе важна победа за Јувентус и пласман во осмина-финалето.

 

На вториот меч, кој почна во истиот термин, Баерн во Минхен со 2-0 славеше триумф против грчки Олимпијакос.

 

Иако домаќините ја имаа иницијативата на мечот и создаваа шанси пред голот на Хосе Са, на првиот гол се чекаше дури до 69. минута. Левандовски рутинирано најдобро се снајде во шеснаесетникот за предност на Баварците од 1-0.

 

Во 88. минута Хрватот Перишиќ влезе во игра на местото на Габри, а по само 30-ина секунди, налета на една одбиена топка во казнетиот простор пред голот на гостите и постигна гол за конечни 2-0.

 

Со овие 3 бода Баерн е на чело на табелата во групата Б со максимален ефект - 12 бода од 4 меча. Баерн си обезбеди пласман во осмина-финалето на ЛШ.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.