Отворање на пермакултурна градина во МКЦ

Во Младинскиот културен центар утре (20 мај) ќе биде отворен новиот зелен простор во градот наречен „ГРАДИДНИНА“.

„'Градиднина' е новата пермакултурна градина во Скопје, создадена за поддршка на широки иницијативи во зародиш. Изградбата на просторот е резултат на учеството на МКЦ во меѓународниот проект насловен 'Big Time Takeover' развиен преку Ерасмус KA2 Програмата за соработка и инвовација и размена на добри пракси на Европската Унија. Прокетот се реализира во периодот од мај 2021 до јуни 2023 година, заедно со останатите европски партнери во проектот: Associazione culturale Mulab од Италија, Rinova Limited (Велика Британија), HFC-Hope for children CRC Policy Centar (Кипар) и Fundacija Arteria (Полска)“, информираат од МКЦ.

„Big Time Takeover“ има за цел да ги поттикне младите од 13 до 18 години да ја користат својата креативна моќ и потенцијалот на уметноста, природата и модерната технологија за да проговорат на прашањата што ја засегаат заедницата и развојот на идните генерации.

МКЦ преку овој проект ја согледува можноста да проговори за потребата од грижлив и одржлив пристап кон градинарството и урбаното живеење со акцент на креативниот и социјален развој кај младите.

„Од самиот почеток на проекот МКЦ соработува со уметниците Христина Иваноска и Јане Чаловски (Press to Exit project space) со цел да развие современ интердисциплинарен, уметнички и едукативен концепт и програма која ќе ги опфати сите клучни цели и насоки на проектот“, наведуваат од Младинскиот културен центар.

Клучен во развојот на овој проект е социологот и градинар Хајан Алхалаби, познавач во областа на пермакултурата и соработник на граѓанската иницијатива „Бостание“. Алхалаби е вклучен како експерт и едукатор во проектот.

„Целта на ГРАДИДНИНА е да прерасне во благородно и динамично место, кое покрај својата основна функција во духот на одржливата агрикултура и грижлив однос кон природата, ќе прерасне и во простор за реализација на различни широки иницијативи на сите заинтересирани поединци од уметнички, едукативен и социјален аспект“, појаснуваат од МКЦ додавајќи дека во создавањето на градината учествувале и гимназијалците од СУГС Никола Карев под менторство на професорката Емилија Ристановска.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.