Џон Бон Џови соработува со фановите за нова песна за коронавирус

Рок ѕвездата неодамна сподели видео во кое говори за својот најнов музички проект, Do What You Can.

Во четириминутниот клип, Џон Бон Џови објаснува дека тој веќе го напишал првиот стих и рефренот на сè уште недовршената песна.

„Кога не можете да го правите она што го правите/правете тоа што можете/Ова не е моја молитва/Ова е само мисла што сакам да ја испратам/Сега сме наведнати но нема да потклекнеме/Кога не можете да го направите тоа што го правите/вие го правите она што можете,“ пее тој во рефренот.

Насловот на песната очигледно се однесува на натписот на фотографија на која се гледа како фронтменот Бон Џови мие садови во ресторанот JBJ Soul Kitchen во неговиот роден град Њу Џерси. Во овој ресторан нема ценовник, а гостите плаќаат онолку колку што можат. Ресторанот е отворен во поранешна продавница за авто делови, а наменет е за сиромашните луѓе.

58-годишниот музичар ги повика фановите да го пополнат вториот стих на песната со свои приказни, и воедно ги повика да му кажат низ што минуваат среде глобалната пандемија на коронавирус.

„Кажете ми како се чувствувате, дали ви е тешко. Кажете ми за матурата што ќе биде откажана...за матурската вечер што можеби ќе ја немате, кажете ми за бебето што доаѓа а вие не можете ништо да сторите во овој момент. Кажете ми за платата што ја губите, за вашите стравувања...за тоа дека се плашите додека гледате од вашиот прозорец и се прашувате што да направите. Само запомнете, ние ќе го пребродиме ова,“ додава тој.

Покрај тоа што работи на Do What You Can („Прави што можеш“), рокерот од Њу Џерси се припрема за издавање на 15-тиот студиски албум на неговиот бенд, насловен Bon Jovi 2020, кој треба да излезе на 15 мај.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.