Ограничен број на билети за „Егзит“ по цена од 3.700 денари

По овогодишното, според бројни параметри и свое најуспешно издание досега,  Фестивалот „Егзит“ следната година, од 9 до 12 јули ќе го прослави јубилејниот, 20-ти роденден!

 

Петроварадинската тврдина следниот јули ќе биде во центарот на внимание на музичката јавност, каде што на повеќе од 40 бини и зони ќе се соберат некои од најзначајните музички ѕвезди на денешницата, но и неколку одбрани изведувачи од претходните две децении на „Егзит“ (EXIT), чии настапи засекогаш станаа нераздвоен дел од историјата на фестивалот. Под симболичниот слоган ЕГЗИТ 2.0, фестивалот го означува почетокот на својата нова ера, со која најавува бројни иновации во сите области на своето делување. „Целиот егзит-тим, заедно со бројните наши пријатели и соработници, решен е да ги надмине дури и претходните рекордни години зад нас, за токму следната година да го донесе досега најдоброто издание и еден нов 'Егзит', спремен за наредните дваесет години!“ изјави по овој повод Душан Ковачевиќ, основачот на фестивалот.

 

Претстојното фестивалско издание, како и кампањата која го следи, ќе го слави единството на навидум сосема различните фанови на „Егзит“, од панкери и металци до рапери и рејвери, преку публиката од сите краеви на регионов, па сè до оние кои преминуваат и цели океани за да стигнат во Нови Сад и со тоа да потврдат зошто популарното британско списание „Диџеј маг“ вели дека „Егзит“ е „повеќе од фестивал и повеќе од бренд, едно движење и култура сама по себе“.

 

Закажан е и стартот на продажбата на билетите за петок, 22 ноември, точно на пладне, кога исклучително ограничен број на влезници ќе бидат достапни по подарок цената од 3.700 денари, што е заштеда од дури 55% во однос на нивниот финален износ! Првите билети секоја година се распродаваат за само неколку часа, а нивната следна цена и сега ќе биде автоматски зголемена откако најбрзите ќе го разграбаат овој прв контингент. Билетите ќе се продаваат преку сајтот http://www.exitfest.org и преку МкТикетс, официјалниот „тикет-сервис“ за „Егзит“ во Македонија.

 

Првите изведувачи за „Егзит“, но и за останатите фестивали во организација на егзит-тимот, како што се Sea Star во Умаг во Хрватска, Revolution во Темишвар во Романија и Sea Dance во Будва во Црна Гора, ќе бидат објавени наскоро. Сите љубители на фестивалот може да очекуваат некои од најактуелните изведувачи на светската музичка сцена во комбинација со проверени имиња и со исклучително голема разновидност на музичките жанрови, по што „Егзит“ е прочуен на светската фестивалска сцена.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.