Ново луксузно БМВ од 150.000 евра за привремената австриска канцеларка

Австриската канцеларка Бригите Бирлајн, која ја предводи преодната влада, неодамна доби нов, луксузен автомобил БМВ.

 

Автомобилот БМВ 740 чини 150.000 евра, внатрешноста му е од кожа и има дополнителна опрема, јавуваат австриските медиуми.

 

Весникот „Естерајх“ пишува дека возилото било нарачано уште во јуни, само неколку дена откако Бирлајн ја презела функцијата.

 

Од кабинетот на канцеларката велат дека возилото било набавено согласно договор со Агенцијата за набавки.

 

Претходно користеното возило имало поминато 60.000 километри и требало да биде заменето, наведуваат од кабинетот, додавајќи дека Австрија плаќа лизинг рати од 283,14 евра месечно.

 

Канцеларката, како што е посочено, била информирана за набавката, а дополнителната скапа опрема била потребна за да се зголеми безбедноста во сообраќајот и поради долгите службени патувања.

 

Канцеларката ќе може да ужива во удобноста на новото службено возило уште неколку месеци, затоа што по полагањето на заклетвата на новиот кабинет, автомобилот го презема новиот канцелар.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.