Кромидот и лукот го намалуваат ризикот од карцином на дојката

Најновото научно истражување покажа дека јадењето кромид и лук може да го намали ризикот од карцином на дојката. Група професори од Универзитетот во Бафало и Универзитетот во Порторико спроведоа истражување за поврзнаноста меѓу употребата на кромид и лук и карциномот на дојката.

 

На крајот на опсежната студија се појавија многу важни резултати, кои покажаа дека јадењето кромид и лук може да го намали ризикот од карцином на дојката дури 67 проценти.

 

Истражувачката Гаури Десаи им рече на новинарите дека во овој случај тие ставиле посебен фокус на Порторико бидејќи забележале дека има ниска стапка на рак на дојката.

 

„Порторико има помал процент на пациенти со карцином на дојка во споредба со Соединетите Американски Држави поради што беше важно да се истражи населението таму“, рече Десаи.

 

Таа објасни дека дошле до сознанија оти жените во Порторико јадат многу повеќе лук и кромид, во речиси сè, од обични јадења до специјалитети со ориз и грав. Претходните студии исто така покажаа дека кромидот и лукот имаат заштитни квалитети против ракот поради нивните антиоксидантни и ензимски својства, кои се борат против канцерот.

 

Студијата опфати 314 жени на возраст меѓу 30 и 79 години, кои имале карцином на дојката помеѓу 2008 и 2014 година, како и контролна група, составена од 346 учесници, кои никогаш немале карцином. Тие одговориле на прашањата во прашалникот откривајќи ги нивните навики во исхраната, вклучително и зачестеноста на јадењето лук и кромид.

 

„Кај жените што јаделе лук и кромид повеќе од еднаш во денот имало 67 отсто намалување на ризикот од карцином на дојката во споредба со оние што никогаш не го јаделе“, рече Десаи. Резултатите од истражувањето беа објавени и во научното списание „Исхраната и карциномот“.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.