Денеска е Преображение – според народното верување прв пат се јаде грозје

Денеска е Преображение, според народното верување денеска за прв пат се бере грозје, вели за МИА Томе Крстевски, кустос етнолог од кавадаречкиот музеј.

 

– Денеска е Преображение на Господ, Исус Христос. Празникот преображение Господово спаѓа во големите празници што ги празнува Светата христова црква, секогаш е на 19 август, но овој и поголемиот број други обичаи и верувања имат значајно место во животот на нашиот народ, така што во целокупното празнување на овој празник следиме повеќе слоеви на народната култура, нагласува тој.

 

На Преображение прв пат се јаде грозје или друго овошје во тековната година, откако свештеникот ќе го отпее и благослови. Тоа претставува и благодарност кон Бога за дадените плодови на земјата.

 

– Третата година откако започнал да го проповеда своето учење Исус им зборувал на своите ученици дека наскоро ќе се случат важни работи. Им раскажувал, дека тој ќе биде распнат, дека ќе умре и воскресне. Учениците не можеле да поверуваат синот Божји така да страда и да умре. За да не се исплашат и разочарат кога тоа ќе се случи Исус решил да им покаже како тоа ќе изгледа. Повел тројца апостоли: Петар, Јаков и Јован на планината Тавор. Со доаѓањето на планината апостолите веднаш заспале заради долгиот пат, а Исус почнал да се моли. Одеднаш лицето почнало да му свети, а облеката му станала бела. Во тој момент се појавиле двајцата пророци Мојсие и Илија. По преобразувањето на Исус апостолите се разбудиле и виделе како Исус разговара со пророците за тоа што наскоро ќе се случи во Ерусалим, за мачењето и распнувањето за смртта и воскреснувањето. Додека ова се случувало апостол Петар извикал „Господи, добро е да бидиме овде и ако сакаш да направиме тука три сеници: една за тебе, една за Мојсеј и една за Илија“. Но, старозаветните пророци исчезнале, а нив ги прекрил светол облак и се слушнал глас: „Ова е мојот возљубен син, во кого е мојата воља, него послушајте го“, раскажува Крстевски.

 

Прво, вели, Преображението е изведено ноќе затоа што ноќта е попогодна за молитва од денот, потоа ридот е избран затоа што симболизира труд, човекот треба да вложи труд за да се искачи на висина, а висината ја симболизира и висината на нашите мисли т.е. богомислието.

 

– На ридот Тавор, Исус ја покажал својата Божествена природа, а тоа требело да послужи на учениците за силење на вербата во деновите на неговите страдања.

 

Во спомен на овој настан, Светата црква го востановила празникот преображение Господово што се празнува на 19/6 август, за време на Богородичните пости. На иконите овој настан е претставен како Исус стои на врвот на планината во бела облека, од десната страна е пророкот Мојсеј, а левата пророкот Илија. А, долу се апостолите паднати ничкум, а со рацете ги заштитуваат очите од силната светлина што зрачи од Исус, додава тој.

 

Според народното верување тогаш прв пат во годината се бере грозје и се носи во црквата каде што свештеникот по молитвата го благословува. Ова е чин на благодарност кон Господа за сите дарови на земјава. На Преображение во црквата се дава нафора и грозје. Тоа не е нафора во вистинската смисла на зборот, туку само благодарност кон Господа за плодовите.

 

Во народот постојат повеќе верувања поврзани со овој празник. Поради заладувањето на времето се верува дека на тој ден се преобразува природата. Лисјето на дрвјата почнуваат да венеат, а и водата станува студена поради што на Преображение луѓето за последен пат се бањаат во реките.

 

– Очигледно празникот Преображение на Господ Исус Христос има длабока смисла во животот на нашиот народ. Еден важен период од годината кога и времето се преобразува, заладува и тргнува кон есента оставало впечаток и во свеста на нашиот народ, па така нашло место и во неговите верувања и во народните умотворби, вели Крстевски за МИА.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.