Производството на килограм говедско месо ја загадува животната средина како да сте возеле автомобил 250 километри

Производството на килограм говедско месо ја загадува животната средина како да сте возеле автомобил 250 километри, троши 15.500 литри вода и иста количина енергија како и 100-ватна светилка вклучена 20 дена.

 

Овој интересен податок може да се прочита во Прирачникот на глобалната организација „Слоу фуд“ што беше апдејтиран годинава согласно најновите (загрижувачки) податоци за консумацијата на месо во светски рамки.

 

„Слоу фуд“ укажува дека е огромно исцрпувањето на природните ресурси за да се задоволи се поголемата побарувачка и консумација на месо. Западните земји засега можат да си дозволат потрошувачка колку актуелната (во САД 120 килогами месо по жител годишно, а во ЕУ 80,6, килограми) зашто останатата популација во светот јаде многу помалку. Но, ако Кинезите и Индијците почнат да консумираат месо колку САД и ЕУ, производството ќе стане неодржливо. Планетата не ќе успее да го нахрани добитокот што се одгледува (користи) во месната индустрија.

 

Посебно се поразителни бројките кои го покажуваат дисбалансот во консумацијата на месо. Наспроти „напредните“ држави, населението во субсахарска Африка јаде помалку од 20 килограми по жител.

 

-Сточарството станува се по интензивно поради зголемената побарувачка на евтино месо, млеко и јајца. Тоа не само што се одразува врз квалитетот на производите, а оттука и врз здравјето на консументите, туку значително влијае и врз околината и драстично го менува начинот на одгледување на животните. Тие се чуваат затворени, во контролирани услови, без можност да ги манифестираат своите природни карактеристики. Прекумерно се товат и крмат, независно што тоа им го скратува ионака предодредениот животен век. Дополнително, подложени се и на превентивни медицински третмани. Во оваа смисла, кога со своето семејство ќе седнете да јадете килограм печено говедско месо треба да имате на ум дека за негово производство се ослободиле стакленички гасови еднакви на 36,4 килограми јаглерод диоксид и се потрошиле 15.500 литри вода. И не само тоа, туку и дека животното е исфорсирано, товено, прекумерно хрането, само за да даде повеќе месо (млеко, јајца) за пократко време и со помалку трошоци. Како да се заборава или можеби некој и не знае дека производите од животно со добра благосостојба е поздраво и повкусно, велат од „Слоу фуд“.

 

Според организацијата, чувањето на животните во сурови услови е неприфатливо. На добитокот не смее да му се нанесува болка, физичка или ментална, треба да му се дозволи (да му с еовозможи) да го искаже своето природно однесување. Одгледувањето мора да биде во хумани услови.

 

-Приоритетот на индустриското фармерство е максимум производство. Тоа не води сметка за животните. Ги заменува грлата со нови и така го продолжува циклусот без воопшто да се грижи за благосостојбата на животните, отпадот, загадувањето или губењето на биодиверзитетот. Вклучува: чување на животните во поголеми групи, збиено, рутински осакатувања (кастрење опашка или клун), ограничување во кафези, користење висок степен на антибиотици за превенција од болести и за забрзување на растот и поголемо производство на месо, млеко и јајца. Говеда од 700 килограми се хранат 10 до 12 пати повеќе од нивната тежина пред самото колење. Им се даваат високопротеински крмива за да се предизвика забрзан раст или за да се произведе повеќе млеко. Од 10 килограми крмиво, седум килограми се високо протеинска пченка или соја, посочуваат од „Слоу фуд“.

 

Додаваат дека поради зголемената побарувачка, се повеќе расте притисокот врз фармерите од страна на супермаркетите за поевтино производство, а пасиштата се заменети со штали и товилишта.

 

Практично, два принципа го водат денешниот, модерен производствен циклус на месо: брзина и количество.

 

-Мора да знаеме дека колку е поголемо и поевтино производството, толку е понегативен импактот врз животната средина, здравјето на животните и луѓето, фармерите. За жал, евтиното месо го преплавува пазарот и маѓепсаниот круг продолжува. Ниските цени ги охрабруваат потрошувачите да си ја наполнат кошничката и да консумираат што повеќе, а токму тие имаат огромна моќ да ги пренасочат пазарот и производството преку зголемена свесност, преку правилен избор – што и колку ќе јадат, велат од Слоу фуд.

 

Тоа што сакаме да јадеме повеќе месо, а да платиме помалку, ги тера фармерите да произведуваат поголеми количини со слаб квалитет.

 

-Во традиционалните фарми oд помал обем, добитокот го добива поголемиот дел од храната од земјиштето на кое се одгледува, а изметот се користи како ѓубриво. Во индустриското производство ситуацијата е обратна. Фармите трошат повеќе храна отколку што произведуваат – од секои 100 калории храна со која се храни добитокот, се добиваат само 30 калории во форма на месо и млеко, додека изметот на добитокот е толку голем, што станува загадувач. Крмивото е произведено со интензивни методи на монокултури, понекогаш стотици или илјадници киломтери подалеку, со користење минерални ѓубрива и пестициди кои се штетни за животната средина. Всушност, индустриското производство на сточна храна ја загадува водата, почвата и воздухот со вишок материи од ѓубривата и пестицидите и е голем придонесувач на глобалните емисии на стакленички гасови и на климатските промени, предочува „Слоу фуд“.

 

Во Прирачникот стои дека е подобро да се јаде помалку, но поквалитетно месо кое, секако, чини повеќе. Притоа се наведува податокот дека преку 70 проценти од нашите набавки на храна ги правиме во супермаркетите, каде евтино пилешко чини помалку од пиперки.

 

– Бирајте квалитетно месо од автохтони раси, од животни чувани и заклани во вашата земја, произведено од малите, локални земјоделци. Избегнувајте месо од стандардизирани индустриски фарми, посебно месо што е евтино зашто тоа е потврда за експлоатација на животните и животната околина. Купувајте само свежо месо во количини што одма можат да бидат употребени, советува „Слоу фуд“, а како замена за месото предлага мешункасти и маслодајни растенија.

 

Во ЕУ, преку 80 отсто од животните се одгледуваат индустриски, а на пазарот доминираат  свинското и пилешкото месо. Поради тоа, од фармерите се бара да го интензивираат производството на само неколку видови животни што создава дисбаланс меѓу видовите. Ова е случај и со типот на месо зашто добитокот не е составен само од стек (бифтек).

 

-Деловите што не ги купуваме често завршуваат како отпад, а изгубеното, фрлено месо дополнително поттикнува одгледување што повеќе животни, истакнуваат од организацијата.

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.