МНР го поздрави повикот на ЕП за надминување на билатералните прашања надвор од пристапниот процес

Министерството за надворешни работи го поздравува усвојувањето на Резолуцијата на Европскиот парламент за Република Северна Македонија на денешната пленарна седница во Стразбур.

„Како и досега, Европскиот парламент упати јасна политичка порака за важноста од забрзување на европскиот интегративен процес и започнување на преговорите за пристапување во Европската Унија со Северна Македонија веднаш. Охрабрува фактот што текстот на Резолуцијата доби поддршка од огромен број на членови на Европскиот парламент, што ја отсликува поддршката од поширокиот политички спектрум во рамките на ЕУ“, се наведува во соопштението на МНР.

Во него се додава дека особено е важно што Европскиот парламент ја реафирмирал стратешката важност на Северна Македонија и целиот регион на Западен Балкан и нивната иднина како дел од Европското семејство.

„Почетокот на пристапните преговори и членството во ЕУ е силна инвестиција за стабилност, не само за земјите од регионот, туку и за ЕУ, особеново во актуелниот безбедносен контекст во Европа. Во таа смисла, го поздравуваме повикот на Европскиот парламент за надминување на билатералните прашања надвор од пристапниот процес, што е во духот и принципите на пристапниот процес. Парламентот исто така го препознава реформскиот напредок на земјата и нејзината подготвеност веднаш да ги започне преговорите со ЕУ“, посочуваат од МНР.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.