Државниот инспекторат за животна средина детектирал 363 законски повреди

Во периодот јануари-јуни 2021 година, реализирани се 1.132 инспекциски надзори наместо планираните 866 инспекциски надзори, или остварено е 30% повеќе од планираното. Во 2021 година се реализирани 185 надзори повеќе од 2020, односно забележан е раст од 20%, соопшти денеска Државниот инспекторат за животна средина.

Притоа како што велат од таму биле утврдени 363 неправилности/законски повреди, за кои се издадени Решенија за нивно отклонување.

„За споредба, во истиот период во 2020 година се утврдени само 120 неправилности, или во 2021 година е забележано зголемување од 203%. Покренати се 43 прекршочни постапки, од кои 36 санкции се глоба-платен налог, а исто така покренати се 2 (две) кривични постапки. Во шест-месечниот извештај за 2020 година не се воопшто презентирани преземените казнени мерки и затоа не направивме споредба“, посочи директорката Ана Петровска.

Таа додаде дека во 2021 година во споредба со 2020 година бил зголемен и бројот на вонредни (220 наспроти 126, или 75%) и контролни надзори (171 наспроти 71, или 138%), и покрај тоа што во овој период, како што напомена, тројца од вкупно 19 инспектори не вршеле надзори (еден инспектор е на неплатено отсуство, од април еден инспектор е суспендиран заради сомнеж за поткуп и еден инспектор од 6 месеци 5 месеци бил на боледување). Во првото полугодие во 2021 година реализирани се 741 наспроти 749 редовни надзори од истиот период во 2020 година, што е намалување од 8 надзори, или 1%. Ова се должи на намалениот број активни инспектори на терен.

„Ефикасноста на Државниот инспекторат за животна средина е видливо зголемена во изминатиот период. Одлучни сме да им застанеме на патот на оние кои се обидуваат да ја загадат природата. И покрај предизвиците со кој се соочува Инспекторатот - продолжуваме со зголемени напори за поголема казнивост на загадувачите“, потенцираше Петровска.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.