Царовска: Оваа учебна година беше предизвик на кој заеднички успешно одговоривме

Министерката за образование и наука Мила Царовска со видеообраќање се заблагодари на наставниците, учениците и родителите за успешно завршената учебна година во вонредни услови поради пандемијата.

„Учебната 2020/2021 претставуваше предизвик на кој заеднички успеавме да одговориме. Учениците добија квалитетна настава и непрекинат воспитно-образовен процес, а нивното здравје, безбедност и благосостојба беа заштитени, што за сите нас претставуваше најголема грижа. Сето ова немаше да биде возможно без несебична поддршка и помош од наставниците и родителите“, вели Царовска.

Таа истакна дека посебно е горда на учениците кои со ова беа најмногу засегнати. Иако наставата на училиште и непосредната комуникација со соучениците и наставниците тешко може да се заменат, додава Царовска, тие работеа напорно и со наставата на далечина покажаа висока продуктивност и одлични резултати.

„Недостатоците во знаењата кои нужно се појавуваат поради условите во кои се одвива наставата, пандемијата, но и новите начини на учење, заедно ќе се обидеме да ги надминеме следната учебна година, со цел да овозможиме успешно школување и добра иднина за нашите деца“, вели министерката.

„Благодарност за сè што направивте да го поддржите учењето од дома. Балансирањето на семејниот и професионалниот живот некогаш не е едноставно. Како родител на дете во основно училиште, свесна сум дека следењето настава на далечина беше уште еден семеен предизвик со кој сите се соочивме. Ви благодарам за покажаната посветеност и подготвеност за соработка, кои беа суштински дел од успешното спроведување на овој процес“, рече Царовска.

Министерката изрази благодарност и до сите учесници во воспитно-образовниот процес кој се реализираше со физичко присуство во училница, за доследното почитување на мерките за заштита на личното и јавното здравје, со што дадоа свој придонес за училиштата да не бидат трансмитери на заразата.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.