Се спроведува теренска вакцинација во старските домови

Процесот на имунизација на приоритетните групи ги вклучува и домовите за стари лица, каде што вакцинацијата се спроведува на терен за сместените корисници и за здравствените работници во сите болници за геријатриска и палијативна медицина во државата.

„Веќе неколку дена трае теренската вакцинација во болниците за геријатриска и палијативна медицина и во домовите за згрижување стари лица во Скопје и Битола. Во двата дома 'Сју Рајдер' веќе е завршена вакцинацијата на 10 луѓе од 60 во Битола, 22 од 60 во Скопје и во центарот за сместување стари лица 'Мајка Тереза' - 22 од 50 вкупно сместени корисници“, изјави министерот Филипче.

Во моментот во тек е вакцинацијата во Геронтолошкиот завод во Скопје „13 Ноември“, а системот на другите вакцинални пунктови во државата продолжува и според планираното денеска се опфатени припадниците на Армијата и наставниците од прво до трето одделение.

„Сега во тек е вакцинацијата тука во болницата за геријатриска медицина. Огромен процент и од здравствените работници веќе се вакцинирани, речиси 90, и тоа беше дел од стратегијата поради тоа што овие здравствени работници навистина треба да се заштитени, прво да бидат заштитени самите тие, а второ да ги штитат и постарите сместени луѓе. Ги чекаме списоците од другите центри за згрижување постари лица од другите градови - Куманово, Прилеп и Берово, а во согласност со динамиката таму ќе продолжи вакцинацијата на сместените корисници“, рече Филипче.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.