(Видео) Шахпаска: Со договорот за грант за доградба на градинка Гостивар го проширува капацитетот за 100 деца

Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, денеска потпиша договор за грант со градоначалникот на општина Гостивар, Арбен Таравари, во согласност со проектот за изградба на нови, надградба или адаптација на постојните објекти за згрижување и воспитување деца од предучилишна возраст во општините.

Договорот за грант со Општина Гостивар се однесува за доградба на објект со површина од 519 м2, со што заедно со постојниот објект на градинка би добил една целина со вкупна површина од 1.658 м2. Максималниот капацитет на оваа градинка во новопроектираниот објект е до 100 деца.

„Министерството за труд и социјална политика обезбеди 30 милиони денари за доградба на градинката 'Детска радост', објект 'Цветови'. Ова говори за нашата посветеност како Влада и како Министерство на она што претставува и програмска определба за зголемување на капацитетите за сместување деца од претшколска возраст“, истакна Шахпаска.

Таа го посочи како особено важен правилниот развој на децата во најраната возраст за уште поуспешен понатамошен влез во образовниот систем и нивна изградба во квалитетни граѓани во нашето општество.

„Како дел од владината програма е и зголемувањето на процентот на опфат на деца во предучилишните установи на 60 отсто, односно дополнителни 7.500 деца во градинките до крајот на мандатот“, истакна министерката Шахпсака.

Таа додаде дека до крајот на годината планирано е отворање нови седум градинки за прием на нови 460 деца во општините Ресен, Сарај, Куманово, Босилово, Брвеница, Лозово и Боговиње со единствена цел зголемување на опфатот на деца во предучилишното образование преку изградба, доградба и пренамена на објекти за згрижување деца во предучилишна возраст.

Од страна на градоначалникот Таравари беше посочена одличната соработка со Министерството за труд и социјална политика, а за тоа говори фактот дека ова е петта градинка што се гради за изминатите 3 години. Тој додаде дека ако претходно имало по 350 деца на листа на чекање за прием во градинка, сега, доколку не се пандемијата и протоколот, таа бројка би била целосно пополнета.

Двете страни изразија подготвеност за понатамошна соработка во рамките на нивните ресорни надлежности.

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.