(Видео) Николовски назначен за претседавач на Антикорупциската деловна коалиција

Заменик-претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски, денеска беше назначен за претседавач на Антикорупциската деловна коалиција за борба со корупцијата.

Оваа платформа која делува по примерот на Кралството Холандија и воспоставени позитивни практики во Албанија, ќе делува во насока на постигнување реални резултати во следната година. Со назначување на вицепремиерот Николовски на претседавачката функција ќе се постигне подинамична борба против корупцијата, а преку воведување на успешни меѓународни практики.

Николовски посочи дека Антикорупциската деловна коалиција има за цел да промовира атрактивна деловна клима преку добро управување, застапување и одобрување на најдобрите меѓународни практики за интегритет и зајакнување на капацитетите меѓу јавните и приватните институции во Република Северна Македонија кои се клучни во градењето на одговорно деловно однесување.

 

„ Оваа Влада покажа силна заложба за борба против корупцијата, токму со воведувањето на новата функција во Владата, на којашто сум поставен јас, а што е резултат на нашата силна определба за воведување на систем кој генерира и испорачува правда, правна држава ред и поредок. Отворивме фронт против криминалот и корупцијата во секоја сфера од општеството. Во целиот процес важни ни се сите, институциите, бизнис-секторот, медиумите, невладиниот сектор, односно сите алки во општеството, за да обезбедиме редот и законот да важат за сите. Во анти-корупциската деловна коалиција за која релевантните чинители ме одбраа и назначија

како нејзин претседавач, заеднички ќе работиме на создавање на услови за атрактивна деловна клима преку добро управување, застапување и одобрување на најдобрите меѓународни практики за интегритет и зајакнување на капацитетите меѓу јавните и приватните институции во државата, кои се клучни во градењето на одговорно деловно однесување“, изјави вицепремиерот Николовски.

Претставникот од Антикорупциската бизнис коалиција, Габриела Кулебанова истакна дека коалицијата има за цел заедничка акција на надлежните институции и спроведување на мерки и активности за унапредување на доброто владеење и јакнење на културата на интегритет.

 

„ Денешниот настан има за цел да ја официјализира поддршката на Владата со цел интензивирање на активностите на Антикорупциската деловна коалиција во борбата со корупцијата. Очекуваме активностите да добијат на интензитет, а меѓународните клаузули и практики кои имаат голема улога во спречување на корупцијата ќе станат дел од нашата пракса во креирање на договорите. Како клучни стратешки чекори кои е потребно да се реализираат е препорака од страна на Владата за употреба на ICC антикорупциската клаузула во договорите за јавните набавки, како и воспоставување на институционална поддршка за упатствата на ОЕЦД. Силно веруваме дека резултати кои биле посакувани со децении, но не биле постигнати на национално ниво, со заеднички сили за кратко време ќе ги постигнеме“, изјави Кулебанова.

 

На работениот состанок, кој се одржа во услови прилагодени на пандемијата присуствуваа и Данела Арсовска, претседавач на Интернационалната стопанска комора, Роберт Декер, заменик амбасадор на Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје, претседателката на Државната комисија за борба со корупција Билјана Ивановска, директорката на Академијата за обука на судии и јавните обвинители Наташа Габер Дамјановска и Главниот државен ревизор на Државниот завод за ревизија Максим Ацевски.

 

Во изминатиот период во рамките на коалицијата воспоставена е комуникација и се преземаа активности со релевантните институции кои се важни алки во синџирот и секоја од свој аспект може да даде придонес во борбата со корупцијата.

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.