Мицкоски: Нашата пратеничка група треба да биде коректив на сите погрешни чекори на парламентарното мнозинство

„Обврската пред новиот пратенички состав е мошне сериозна. Македонија е пред отворање на пристапни преговори со Европската Унија, но истовремено се соочуваме со здравствени, економски, социјални и образовни предизвици кои се од голем размер. Човекот учи додека е жив и најдобро е ако учи од туѓите искуства, бидејќи така спречува да ги повторува истите грешки. Македонија не смее да си дозволи нови изгубени години, затоа што тоа се нови изгубени генерации и послаби капацитети. Предизвиците кои стојат пред сите нас се глобални, но и внатрешни, поврзани со лошото владеење, злоупотребата и нефункционалноста на институциите. Токму со силен капацитет нашата пратеничка група треба да биде истовремено и коректив на сите погрешни чекори на актуелното парламентарно мнозинство, но истовремено да нуди и мерки и решенија кои ќе обезбедат просперитет, стабилност и поквалитетен живот за нашите сограѓани“, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешната Обука „Зајакнување на капацитетите на новоизбраните пратеници“, организирана од Фондацијата „Конрад Аденауер“ и Институтот „МК91“.

Според Мицкоски, овој пратенички состав пред себе ќе биде исправен со сериозен предизвик да корегира политики на една старо-нова влада која покажа исклучително низок капацитет во справување со барањата потребите и проблемите на граѓаните.

„Македонија за жал овие три години назадува, стана најкорумпираната држава во Европа, а има и пад на листата на дуинг бизнис, што говори дека сивата економија и криминалот сериозно удираат по стабилноста и просперитетот на Македонија. Заради ваквата состојба имаме сериозен пад на економијата и стандардот на граѓаните кој дополнително го влошуваат со непромислени потези како поскапување на електричната енергија, но истовремено сме земја од која најголем број млади сакаат да се отселат. Европските вредности и стандарди стануваат се подалечни за нашиот народ, бидејќи таму кај што царува криминалот, селективната правда и сиромаштијата, таму нема напредок.

Колку порано се застане на патот на оваа деструктивност, толку побрзо ќе се фати патот на успехот и благосостојбата. А вие како пратеници сте ја добиле поддршката од народот за тоа да работите и за тоа да се борите. Ваквите искуства ќе бидат драгоцени да вградиме секој свој сегмент во мозаикот наречен европска Македонија, затоа што со својот личен придонес за промоција на европските искуства и вредности ќе помогнете Македонија побрзо и поуспешно да излезе од вртлогот на безредието и да чекори кон подобро утре на нашите идни генерации.Во таа насока, денешната обука, која ќе ја предводат голем број експерти со практично и теоретски искуство во работата на законодавниот дом треба да биде поттик за сите вас присутни денес да го инвестирате сиот свој потенцијал и претходно знаење во насока на градење на силна и европска Македонија.

Уште еднаш голема благодарност до организаторите на денешниот настан“, додаде тој.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.