Мицкоски: Ќе изградиме автопат од Скопје преку Прилеп, Битола до јужната граница

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска во Прилеп оствари средби со стопанствениците, на кои стана збор за проектите и содржината со фокус на економскиот дел од нивната програма.

Тој вети дека ВМРО-ДПМНЕ ќе го реши проблемот на граѓаните од Пелагонија, односно ќе го изгради автопатот од Скопје преку Прилеп, Битола до јужната граница.

„Претставниците на компаниите ни ги презентираа нивните гледишта, анализиравме дел од политиките и предлозите коишто ВМРО-ДПМНЕ ги предлага во оваа изборна програма. Коишто понатаму ќе бидат дел од, би рекол, програмата на Владата. Пред сè тука како главен адут го споменавме и автопатот што би се изградил од Скопје преку Прилеп, Битола до границата со нашиот јужен сосед. Нешто што е дамнешна желба на жителите на пелагонискиот крај, на прилепчани, но и на останатите. Цениме дека овој инфраструктурен проект многу ќе го подобри квалитетот на живот, ќе ја подобри комуникацијата и условите на бизнис-заедницата овде, од Прилеп, и Пелагонија во целост. Потоа зборувавме за политиките во делот на земјоделието со акцент на тутунот и тутунопроизводителите. Зборувавме и за реформите во делот на образованието, администрацијата, дигитализацијата, фискалната политика, поддршката. Така што ценам дека имавме навистина корисна средба, средба на којашто ние можевме да се презентираме и да имаме определена интеракција со стопанствениците од овде, од градот Прилеп“, рече Мицкоски.

Прашан за очекувањата за излезноста на изборите, Мицкоски истакна дека очекува помала излезност за разлика од други години, но верува дека, сепак, таа ќе изнесува над 45 проценти.

„Ценам дека излезноста ќе биде помала од вообичаената, како што сме навикнати во минатите години. Не очекувам дека ќе се реализираат оние сценарија и предвидувања од минатото дека ќе биде многу ниска и ќе се движи меѓу 40-45%. Ценам дека ќе биде повисока од таа. Можеби нема да стигнеме бројка како што беше тоа во минатото, 65-67%, но ценам дека ќе биде кредибилна за идната влада, што ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ, веднаш уште од првиот ден да се зафати со структурни реформи и излез од моменталната ситуација во којашто се наоѓаме“, истакна Мицкоски.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.