Холштајн: Германија ќе се заложи максимално да ја засили европската перспектива на регионот

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, одржа средба со новата вонредна и ополномоштена амбасадорка на Германија, Анке Гизеле Холштајн, која во оваа пригода ги предаде копиите на акредитивните писма.

„Покрај интензивната билатерална соработка во изминативе три години, која посветено се стремиме да ја продлабочуваме и во иднина, со нетрпение го очекуваме и заедничкиот успех - првата меѓувладина конференција да биде организирана токму за време на германското претседавање со Советот на ЕУ. Благодарни сме за досегашниот германски придонес во градењето консензус и донесување  позитивна одлука за започнување преговори за членство во Европската Унија, во март ова година“, рекол Димитров на средбата, соопшти МНР.

Тој оценил дека во изминатиов период се бележи исклучително динамичен билатерален политички дијалог и соработка во повеќе области од заемен интерес.

Амбасадорката Холштајн ја повторила поддршката на Германија за реализација на нашите стратешки приоритети, подвлекувајќи дека иако германското претседавање со Советот на ЕУ е исправено пред најголемиот економски предизвик во историјата на ЕУ поврзан со заздравување на земјите погодени од коронавирусот, ќе се заложи максимално да ја засили европската перспектива на нашиот регион, а со тоа и да обезбеди стабилност и развој на Западниот Балкан.

Соговорниците се осврнале и на актуелните епидемиолошки состојби и здравствените предизвици со кои се соочува нашиот регион и пошироко, при што министерот Димитров упатил благодарност до Германија за нејзината досегашна помош за борба со пандемијата во нашата земја. На средбата станало збор и за подготовките за одржување демократски и фер предвремени парламентарни избори во Северна Македонија.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.