Со чартер лет од Лондон се вратија 130 македонски граѓани

По деветте чартер летови за враќање на македонски државјани од Малта, Хрватска, Словенија, Германија, Австрија и Швајцарија, денеска во соработка со македонската амбасада во Лондон, генералниот секретаријат на Владата, МВР и Министерството за здравство, МНР организираше чартер лет за враќање на затекнатите граѓани во Обединетото Кралство.

Од аеродромот Лутон, во близина на Лондон, со лет на „Визер“ вратени се 130 македонски граѓани, а на летот кон Скопје, во соработка со британската амбасада во земјава, беа превезени 60 странски државјани од Обединетото Кралство, САД и Австралија.

„Денеска се организира 4-ти по ред хуманитарен конвој, овој пат од Босна и Херцеговина и Црна Гора, со што во земјата ќе се вратат вкупно 64 македонски граѓани со 19 возила“ соопшти МНР.

Во изминатите неколку дена, во соработка со министерствата за надворешни работи на повеќе држави и во координација со нашите дипломатско-конзуларни претставништва, на 30 наши граѓани од САД и Австралија им беше обезбедено непречено да транзитираат низ неколку држави со цел да дојдат до финалната дестинација, аеродромите во Софија и Солун.

Со ова, вкупниот број на репатрирани граѓани во нашата земја, заклучно со денес е 2431.

Министерството за надворешни работи упатува благодарност кон надлежните власти во Бугарија, Грција, Албанија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Косово, Швајцарија, САД, Австралија, Холандија и Велика Британија за соработката и обезбедување на непречен транзит, како и за и целокупната поддршка во овие отежнати околности.

МНР продолжува со напорите за враќање во земјава на затекнатите македонски граѓани во странство; во следните денови предвиден е и чартер лет за репатријација од Белгија и Франција.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.