Пендаровски го почувствува пулсот на Куманово во рамките на проектот „Лице в лице со претседателот“

Претседателот Стево Пендаровски, во рамките на проектот „Лице в лице со претседателот“, денеска беше во општина Куманово.

 

Пендаровски ја посети млекарницата „Бучен Козјак“, формирана 1983 година како прва приватна млекарница на територијата на нашата држава. Пред претседателот Пендаровски беа претставени производствениот процес во компанијата, пласманот на производите и идните планови на менаџментот на компанијата.

 

За време на престојот во Куманово, претседателот се сретна и со вработените во библиотеката „Тане Георгиевски“, која годинава одбележува 75 години од своето постоење.

 

Пендаровски беше запознаен со работата на библиотеката, која има книжевен фонд од над 226.000 книжевни единици. Во текот на 2019 година е продолжен трендот на пораст на читатели и корисници на услуги. Бројот на регистрирани посети е речиси 65.000 на годишно ниво.

 

Најмладиот член на библиотеката има една и пол година и за него на располагање библиотеката има сликовници и приказни, а највозрасниот член има 90-ина години.

 

Претседателот оствари средба и со претставници на невладини организации од Кумановскиот Регион, како и со локални новинари и дописници, кои го запознаа со нивната тековна работа и предизвиците во финансирањето и функционирањето. Медиумските работници на средбата со претседателот Пендаровски посочија дека во државата изумира дописништвото, но и дека локалните медиуми едвај опстојуваат.

 

Претходно, претседателот го посети Општинското основно училиште „Толи Зордумис“, каде што наставата се одржува на македонски и на албански јазик. Во него е имплементиран Нансен-моделот за интеркултурно образование, кој ги интегрира учениците, родителите и наставниците од разни етнички заедници преку современ воспитно-образовен процес.

 

Пендаровски во Куманово се сретна со докторката Нурие Алији, која повеќе од 20 години се грижи за здравјето на жените во овој град. Во моментот таа има 12 илјади пациентки. Авторка е на 23 научни труда и е носител на Ноемвриската награда на град Куманово.

 

На средбата таа истакна дека се гордее со своите постигнувања, а најголемо задоволство ѝ е да им помага на луѓето. И покрај обемната научна работа, нејзин приоритет се пациентите.

 

Претседателот посочи дека треба да се истакнуваат позитивните примери во општеството, како што е доктор Алији.

 

Пендаровски го посети и метеорологот Борис Секирарски, кој повеќе од три децении работи во Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) во Скопје, а е носител на повеќе домашни и меѓународни признанија за своите иновации.

 

Секирарски на средбата истакна дека во денешно време е вистинска вештина да се пронајде точен и релевантен извор на податоци и треба да се избере на кој извор ќе му верувате. Пред претседателот Пендаровски истакна дека целта му е неговите патенти да бидат од корист на граѓаните за навремено и точно следење на метеоролошките состојби.

 

Проектот „Лице в лице со претседателот“ е инициран во изборната програма на Пендаровски. Целта е преку посети на населените места во Северна Македонија претседателот да се сретне со што е можно повеќе граѓани и одблиску да ги чуе проблемите и предизвиците со кои се соочуваат граѓаните, како и идеите за нивно надминување.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.