Поповски на средба со Тимоние: Поддршка за иницијативата за листа на професионални медиуми во земјата

Министерот задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност во Владата, Роберт Поповски, оствари средба со амбасадорот на Република Франција, Кристијан Тимоние, на која разговараа за заложбите на оваа Влада за целосна слобода и независност на медиумите, особено во предизборниот период.

 

Францускиот амбасадор изрази надеж дека претстојните избори ќе се одржат во фер и демократска атмосфера и дека тоа е особено важно во пресрет на најавите за добри вести за Северна Македонија за почеток на пристапните преговори со ЕУ. Амбасадорот Тимоние исто така истакна дека атмосферата во Париз по ова прашање е многу подобра и дека со заедничка работа со тамошните политички фактори ќе бидат постигнати резултати како прилог на заложбата на Франција за што побрза интеграција и напредок на земјите од Западен Балкан.

 

Амбасадорот Тимоние истакна дека ги цени напорите за целосна транспарентност на оваа Влада. Тој рече дека има подобра атмосфера и во областа на медиумите и изрази надеж дека во наредниот период ќе се надмине големата политичка поларизација во оваа сфера за сметка на професионалноста.

 

Министерот Поповски информира дека оваа Влада постигна извонредни резултати на полето на транспарентноста - од последното место на кое се наоѓаше по ова прашање во 2017 година, таа сега се наоѓа на прво место меѓу шесте земји од регионот.

 

„Наша цел е Владата да биде еднакво транспарентна како владите на државите во Европската Унија, особено во поглед на криминалот и неговото обелоденување. Издејствувавме и максимална транспарентност на трошоците на сите министри и директори на јавните претпријатија до најмал детаљ. Исто така, ние сме единствена Влада во Југоисточна Европа која секоја буџетска трансакција ја стави на увид на граѓаните“, нагласи Поповски.

 

За финансирањето на медиумската изборна кампања, Поповски истакна дека власта и опозицијата ќе имаат еднаков број минути за закуп на простор за кампањата и дека по углед на европските влади и Владата на Северна Македонија гради стратегија за давање директна поддршка на печатените медиуми, и тоа во износ од 50 отсто од трошоците за печатење и 50 отсто од трошоците за дистрибуција за медиумите што се печатат на македонски јазик и во износ од 70 отсто за медиумите што се печатат на јазиците на помалите заедници, со што Владата го стимулира нивниот медиумски развој.

 

Во поглед на работата на порталите и социјалните мрежи, Владата ги следи насоките на Европската комисија и ја поддржува саморегулацијата на новинарските здруженија. Во таа насока е поздравена иницијативата на Здружението на новинарите и на Советот за етика во медиумите за листа на професионални медиуми во државата, со надеж дека оваа иницијатива ќе помогне за зајакнување на професионалноста на овие медиуми, како и од аспект на нивната одржливост на медиумскиот пазар. Поповски го посочи и значењето на усвојувањето на Стратегијата за справување со лажните вести истакнувајќи дека оваа Влада посветува особено внимание на подигнување на нивото на медиумска писменост на граѓаните, која е во план да се вгради и во образованието.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.