1.000 административци работат на по две, три, а некој дури и на шест работни места

Во јавниот сектор има повеќе работни места отколку вработени, а има вработени кои пополнуваат работни места во две или повеќе институции.

 

Оваа напомена стои во три од четирите досега објавени годишни извештаи за бројот на вработени во јавниот сектор, но само во еден, во оној кога првпат се споменува, е даден број на повеќекратно вработените.

 

Бројот на лица кои пополнуваат две или повеќе работни места изнесува 935. Од овие 935 лица, двајца пополнуваат работни места во шест институции, 4 лица во пет институции, 11 во четири институции, 54 во три институции и 864 лица пополнуваат работни места во две институции. Овие лица пополнуваат вкупно 1.966 работни места, и тоа 1.496 во областа на образованието, 465 во областа на здравството, 1 во областа на труд и социјала и 4 во областа на комуналните работи

 

Овој податок, објавен во годишниот извештај за 2016 година, е даден како објаснување зошто таа година се зголемил бројот на вработени во јавната администрација.

 

Тоа е единствен пат пополнувањето повеќе работни места да биде илустрирано со бројки, иако феноменот редовно, со зборови, се опишува во годишните извештаи, како дообјаснување за вкупниот број вработени во јавниот сектор.

 

Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) во август покрена иницијатива за кривично гонење на ректорот на УКИМ Никола Јанкулоски, откако утврдила дека не го ставил во мирување своето работно место на Клиниката за дигестивна хирургија кога ја презел функцијата на Универзитетот. Тоа, според Антикорупциската, е спротивно на законските одредби, а ректорот „не може да зема две плати“, и ДКСК предложи неговото работно место на клиниката да биде ставено во мирување.

Но, во ноември 2019 година Основното јавно обвинителство Скопје ја отфрли иницијативата на ДКСК.

 

„По стапувањето на функцијата ректор на Универзитетот, согласно закон и склучен договор со Универзитетскиот Сенат, тој за ангажманот добива соодветен функционален надоместок, кој не може да се третира како плата“, соопшти Обвинителството со објаснување дека сите досегашни ректори имале склучено такви договори.

 

Во меѓувреме, Министерството за информатичко општество и администрација, кое ги објавува годишните извештаи, во нив не го наведува бројот на повеќекратно вработените. Наместо тоа, стои само непомената:

 

Важно е да се напомене дека вкупниот број на вработените во јавниот сектор не соодветствува со вкупниот број на пополнети работни места, од причина што има вработени пред сѐ во областа на образованието и во здравството кои пополнуваат работни места во две или повеќе институции на јавниот сектор (наставниците кои немаат полн фонд на часови се ангажираат во две или повеќе училишта, а професорите од медицинскиот факултет пополнуваат работни места и во здравствените установи и на факултетите).





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.