Мицкоски: Заев не одговори на моите предложени закони за чистење на криминалот

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на прес конференција изјави дека ќе поднесат амандмани за измени на Законот за јазици, согласно забелешките на Венецијанската комисија. Тој побара прифаќање на предлозите од власта и албанските партии.

 

“ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе амандман за Законот за јазиците, заедно со забелешките од Венецијанската комисија, за еден неуставен закон да стане уставен. Очекуваме поддршка од Заев. Нека прифати за законот да биде применлив, уставен и недискриминирачки”, истакна Мицкоски.

 

Забелешките на Венецијанската комисија мора да се почитуваат доколку како држава сакаме да сме дел од ЕУ, додаде Мицкоски, потенцирајќи дека содржината на амандманите ќе биде објавена веднаш штом бидат поднесени.

 

“Доколку сакаме владеење на правото, а не да правиме компромиси со Уставот за сметка на политиканството, тогаш сите политички партии треба да ги поддржат амандманите кои ќе ги поднесеме. Не можеме да бидеме со двојни стандарди пред граѓаните. Ајде да направиме и да ги поддржиме овие амандмани. Да го направиме овој закон согласно Уставот и забелешките од Венецијанската комисија” рече Мицкоски.

 

Тој смета дека премиерот Заев не ги прифаќа предлозите на опозицијата бидејќи СДСМ се плаши и ги штити криминалот и корупцијата. Мицкоски повторно повика Заев да го прифати законот со кој политичарите нема да можат да бидат амнестирани, како и да се испита потеклото на имотот кој тие го имаат.

 

“Имаме коцкање со државните и национални интереси. Владата на Заев стана заложник на своите неуспеси. Без многу голема промисленост и само со една цел а тоа се повеќе лични бизниси. Затоа државата е влезена во слепа улица. Заев за само десет дена излезе дека брани и штити амнестија и не сака проверка на имот на функционери”, рече Мицкоски.

 

Според лидерот на опозициската партија, молкот на премиерот е штитење на криминалот и корупцијата.

 

“Дадов неколку предлози, а од другата страна има молк. Тој молк не е никако поинаку освен штитење на криминал и корупција. Го повикав да повика измени на законот со кој тој што е амнестиран, нема да може да се бави со никаква функција. Одговорот беше дека секој што направил криминал ќе одговара. Објавив дека ќе предложиме закон за да се провери потеклото на имотот на политичарите, бидејќи се направија империи на грбот на граѓаните. Од Заев не добив одговор”, вели лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.