Пендаровски: Односите меѓу Северна Македонија и Србија се одлични и без спорни точки

Односите меѓу Северна Македонија и Србија се одлични и без спорни точки, изјави претседателот Стево Пендаровски, по средбата со неговиот српски колега Александар Вучиќ, што се одржа во Белград.

 

Пендаровски рече дека неговата посета на Србија е уште една потврда за односите на добрососедство и меѓусебно разбирање меѓу двете земји, но и уште една можност, како што рече, заеднички да ги потенцираме важноста и посветеноста на градењето, одржувањето и унапредувањето на меѓусебниот дијалог, како меѓу нас, така и пошироко во нашиот регион.

 

„Нашите земји и народи ги поврзува долга историска и културна традиција, а ја споделуваме и визијата за заедничка иднина во големото европско семејство. Оттука, контактите на највисоко ниво меѓу нашите две земји имаат посебно значење и даваат силен сигнал и за понатамошен развој на пријателството и соработката на сите други нивоа“, рече Пендаровски.

 

Тој кажа дека со Вучиќ разговарале и за француската иницијатива за нова променета методологија во водењето на претпристапните преговори со ЕУ.

 

„Јас уште еднаш го истакнав ставот на мојата држава дека за нас не постои друга одржлива алтернатива, освен полноправно членство во Унијата на крајот од овој процес. Европската интеграција на Северна Македонија останува долгорочна определба, мотивација за трансформација на општеството и имплементирање на највисоките европски стандарди. Во овој контекст ме радува фактот што и од Скопје и од Белград упатуваме јасни пораки дека Европската Унија не треба да заборави на западниот Балкан, за кој перспективата за членство во ЕУ е единствена гаранција за стабилност, сигурност и просперитет и всушност е единствена одржлива опција. Европската интеграција на регионот е најдобриот начин што ќе овозможи демократска трансформација на нашите општества, просперитет и зајакната регионална соработка“, рече македонскиот претседател.

 

Тој на средбата со Вучиќ изразил очекување дека со помош на меѓународната заедница и посебно западните партнери ќе бидат создадени услови за сериозен напредок во дијалогот Белград-Приштина, па и, како што рекол, за конечно затворање на ова прашање.

 

„Решението што ќе го договорат Белград и Приштина мора да придонесува кон регионалната стабилност и безбедност и по наше мислење не смее да задира во суверенитетот на другите држави во регионот“, рече Пендаровски.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.