Основците или се насилни или секој ден трпат насилство на училиште

На прашањето „Колку пати во последните неколку месеци е извршено насилство врз тебе во училиштето?“, 24 отсто од учениците рекле дека биле изложени на насилство во училиштата и тоа, 5,1 отсто намалку еднаш во неделата.

 

Ова е само едно од прашањата кои им биле поставени на 2.219 ученици во 12 основни училишта низ неколку општини во Скопје.

 

Ова темелно истражување во врска со насилството во училиштата, го изработи професорката на Филозофскиот факултет Софија Георгиевска, која предава неколку предмети, меѓу кои и социјална работа со деца и млади, заедно со нејзината колешка Фросина Денкова Зафировска, која е системски семеен советник и лиценциран психолог.

Фросина Денкова Зафировска

 

Во однос на констатацијата „Ме нарекуваа со погрдни имиња, ми се смееа или ме закачаа на навредлив начин“, 33 отсто од испитанците доживеале ваков вид на насилно однесување. На констатацијата Другите ученици намерно ме занемаруваа и исклучуваа од својот круг на пријатели, забележано е дека е помал процентот во однос на претходното прашање, но сепак, 23 отсто се оние ученици на кои им се случило вакво нешто. Процентот на оние ученици кои биле нарекувани со погрдни имиња, и на кои им биле коментирани или покажувани гестови со сексуално значење барем еднаш е 16 отсто. Процентот на оние ученици кои биле изложени на нарекување со погрдни зборови поради потеклото е 15 отсто.

 

На едно од прашањата „Ме удираа, ме удираа со нозе, ме туркаа, ме гаѓаа или заклучуваа во просторија“, 17,7 отсто од учениците се изјасниле дека доживеале вакво нешто. Во однос на констатацијата „Ми земаа пари или други работи, па ги уништуваа“, 15 отсто од учениците во последните месеци биле изложени на овој вид на насилно однесување.

 

Фрапантен е податокот дека 27 отсто од учениците веќе неколку години константно се изложени на насилство, и тоа 34 отсто од ученичките, и 23 отсто од учениците. За тоа каде се случува насилството, 46 отсто од децата одговориле дека тоа се случува на игралиште, 24,8 отсто во училница додека е присутен наставникот, 20,3 отсто додека е отсутен наставникот, 24,8 отсто на пат кон училиште.

Софија Георгиевска

 

– Перцепцијата на учениците е дека повеќе од 11 отсто од наставниците никогаш не се обиделе да го спречат насилството зборува за култура на насилство и механизам на одржување на насилството од страна на оние кои треба да го спречат истото. Ниту пак, учениците манифестираат голема сензитивност за реагирање на насилството, па 14 отсто одговараат дека никогаш другите ученици не презеле нешто за да го спречат насилното однесување. На прашањето дали некоја возрасна личност со кој живее детето пријавила во училиштето за да го спречи насилството над него, дури 40 отсто одговориле дека возрасните лица не пријавиле насилство што е фрапантен податок – вели проф. Георгиевска.

 

Учениците кои учествувале во истражувањето имале можност да допишат вид на насилство кое не е наведено во прашалникот, а на кое тие биле изложени. Биле напишаи следниве коментари: „Ми се здосади постојано да ме пцујат и да ми се закануваат со тепање. Не ми се допаѓа кога постарите деца ги малтретираат помладите. Така, кога малите деца ќе пораснат ќе малтретираат други деца; Ме убедуваат дека нешто сум направила, а јас не сум го сторила тоа; Наставничката мене и не моите другарки ни се лути најчесто без причина; Мојот другар Х и брат му Y ги зафркаваат, ги тепаат и им викааат Шиптари; Кога дојдов како нова во училиштето, старите деца ме тепаа и добив потрес на мозок.“

 

– Прашалникот за испитување на насилното однесување содржи 39 прашања. Врз основа на расположивите информации за состојбите кај нас, може да се констатира дека е едно од првите систематски истражувања во кое насилството во училиштата претставува централен истражувачки проблем. Заклучоците од ова истражување говорат дека постои култура на насиство, односно дека учениците многу често не го препознаваат насилството. Она кон што треба да се стремиме е да го направиме училштето да биде безбедна средина за учениците, преку системски пристап и едукација на тријадата наставник, ученик и родител. Имајќи предвид дека најчесто насилството се случува на големиот одмор, во училишниот двор или спортските терени, она на што треба да обрнеме внимание е воведување на нулта толеранција на насилство за сите – вели Денкова Зафировска.

 

Податоците говорат дека 8 отсто од женските деца се секојдневно изложени на вербално насилство, а 4 отсто на физичко, закани и cyber насилство. Кога станува збор за момчињата, 12 отсто од нив се секојдневно изложени на вербално насилство, 8 отсто на физичко и 3 отсто на cyber насилство.

 

Ова истражување би требало да претставува поттик за понатамошни, продлабочени истражувања во областа на насилството – особено врз деца со пречки во развојот кои се дополнително загрозени кога се во прашање насилството и злоставувањето, но и во областа на вонинституционалната заштита.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.