„Ана знае да се ориентира во училишниот двор…“: Полугодишните оценки во 4-то, 5-то и 6-то одделение ќе бидат описни

Наместо бројчани, оценките што ќе ги имаат учениците во четврто, петто и во шесто одделение ќе бидат описни.

 

Тоа значи дека наместо оценка во форма на бројка, секој ученик по секој предмет ќе добие напишан текст кој ќе го опише неговото постигање, знаење и умеење во текот на целото полугодие.

 

Оваа пракса е сменета од оваа година откако е тоа предвидено со новиот Закон за основно образование, кој е на сила од септември годинава.

 

– Кога имаше јавна расправа за новиот закон, претставници на граѓанскиот сектор побараа да има описно оценување во четврто, петто и во шесто одделение. Ние ќе изготвиме упатство според кои на родителите ќе им биде кажано на која бројчена оценка одговара описната, за да знаат попрецизно како се оценети нивните деца. Она што останува исто е старото правило, на крајот на учебната година оценките да се со бројки – појаснува Оливер Станојоски од Бирото за развој на образованието.

 

Описното оценување е дополнителна обврска за наставниците, кои и онака постојано реагираат дека имата премногу административни задолженија кои мора законски да ги исполнуваат во текот на целата учебна година. Јаким Неделков, претседателот на  Синдикатот за образование, наука и култура вели дека засега нема реакции од наставници за новата дополнителна обврска.

 

Во досегашната пракса, описни оценки во евидентните листови на полугодие и во свидетелствата на крајот на учебната година, добиваа само учениците од прво до трето одделение.

 

Оценките што учениците од прво до шесто одделение кои ги добија на крајот на првото тримесечие, исто така се описни.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.