Јанушев: Да се објават деталите за договорот со „Сархемс“

„Поминаа точно 12 дена откако владата донесе одлука, бизнисот тежок 72 милиони евра да го додели на фирма формирана 24 дена пред да биде распишан тендерот.

 

Остануваат уште 18 дена од рокот од еден месец за склучување на договорот, а владата се уште крие што планира да потпише“, изјави на прес-конференција, генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев.

 

Тој рече дека фирмата ќе наплаќа 72 милиони евра од патарини, авионски карти или зелени картони. Пари кои наместо во буџетот на државата ќе се слеат на сметка на „Сархемс“, единствената фирма која доставила понуда на огласот.

 

Доколку договорот е толку добар, зошто власта го крие, праша Јанушев.

 

„Зошто не се објават деталите? Зошто не знаеме што плаќаме, колку ќе плаќаме и како ќе плаќаме? Дали власта има согласност да наметнува дополнителни давачки по патник? Како тоа ќе влијае на цените на аеродромските услуги?

 

Дали и во која мера ќе биде оштетен Фондот за здравство, бидејќи не сите граѓани имаат приватно осигурување и како тоа ќе влијае на здравствениот систем? Власта мора да одговори на овие прашања. Граѓаните се тие кои ќе платат 72 милиони евра и мора да знаат како и на кој начин се трошат нивните пари“, порачуваат од опозицијата.

 

Никој не верува во приказните на Драги Рашковски, рече Јанушев, дека приватна фирма би работела без профит.

 

„Тогаш зошто би почнувала бизнис или зошто би го почнувал бизнисот како јавно приватно партнерство доколку нема никаква корист од државата? Граѓаните мора да знаат кај ќе заврши секој цент од овие 72 милиони евра.

 

СДСМ не смее да заборави дека иако се во заминување мора да работат согласно закон. Секоја недоследност и криминал во работењето ќе биде санкционирана. Нема да дозволиме злоупотреба на народни пари за лично богатење на поединци“, додаде Јанушев.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.