Кабинет на Иванов: Претседателката на ДКСК со невистини се обидува да ја манипулира јавноста

Кабинетот на поранешниот претседател Ѓорге Иванов соопшти дека Договорот склучен со Службата за општи и заеднички работи  (СОЗР) наменет за користење простории за канцеларија на поранешен претседател следува врз основа на Законот за правата на Претседателот и неговото семејство по престанување на функцијата и дека претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата денеска на прес-конференција изнела невистини и свесно се обидела да манипулира со јавноста.

 

Во реакцијата Кабинетот наведува дека според тоа што им било укажано од СОЗР,  тие процедурата ја спроведуваат на идентичен начин и правила кои важеле за сите поранешни претседатели.

 

-Во прилог е договорот, во кој јасно се гледа дека висината на закупнината на целосно опремен простор изнесува 1.950 евра месечно, а не како што денес беше прикажано дека е 4.500 евра. Очигледно е дека личниот анимозитет и политичките ставови на поранешниот Претседател на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, се единствената причина за континуираниот обид за нанесување штета на угледот на поранешниот претседател Иванов. Воедно, ја повикуваме Ивановска да се произнесе за имотната состојба на поранешниот претседател Иванов и за таканаречените станови за коишто свесно претходно манипулираше со јавноста. Бидејќи манифестира „ефикасност и транспарентност“ доволно ѝ беа пет месеци за да ја утврди имотната состојба на поранешниот претседател Иванов и да ја изнесе вистината пред македонската јавност, пишува во реакцијата.

 

Според Кабинетот на поранешниот претседател Иванов, претседателката на Антикорупциска Ивановска треба да констатира дека поранешниот претседател Иванов има само еден стан, за кој, како што е наведено во реакцијата, „има подигнато кредит, а не повеќе станови, како што таа претходно манипулираше со јавноста“.

 

-За таа цел, поранешниот претседател Иванов ѝ ги достави сите сметки и уплати за единствениот стан, а воедно се откажа и од тајноста на банкарските сметки, се наведува во реакцијата од Кабинетот на Иванов.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.