Пендаровски – Туск: Граѓаните на Северна Македонија заслужуваат европска иднина
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 17 Септември 2019
Претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски денеска имаше средба со претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, на која биле разменети мислења за севкупните состојби во земјата и во регионот, како и за аспирациите на државата за членство во Европската унија.
Пендаровски, како што информираат од неговиот кабинет, истакнал дека Северна Македонија во изминатите две години донесе тешки одлуки за многу чувствителни прашања, вклучувајќи ја Преспанската спогодба со Република Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Република Бугарија, и дека спровела суштински и темелни реформи во многу клучни области, со што ја потврди својата посветеност на евроинтегративниот процес.
На средбата, Пендаровски изразил, очекување дека Европскиот Совет во октомври ќе ги валоризира напорите на државата и ќе ја верификува десетата препорака на Европската Комисија преку одредување на датум за почеток на пристапните преговори за членство на Северна Македонија во Европската унија.
Почетокот на пристапните преговори, според претседателот Пендаровски, ќе биде силен импулс за натамошно реализирање на суштинските реформи во државата до нејзиното идно членство во унијата, што ќе придонесе за севкупната стабилност и просперитет на државата и на регионот.
Претседателот Пендаровски, на средбата изразил и благодарност на претседателот Туск за неговата јасна и директна поддршка за европската иднина на Северна Македонија.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс