Заев со Вучиќ на отварање на јужниот крак на Коридорот 10 кон Северна Македонија во Грделичка клисура

Премиерот Зоран Заев денеска заедно со српскиот претседател Александар Вучиќ ќе присуствува на свеченото отварање на јужниот крак на Коридорот 10 на делницата низ Грделичката клисура во Србија.

 

Како што е најавено од кабинетот на премиерот, Заев вечер во 20:00 часот ќе се обрати на свечената церемонија по повод отварањето за сообраќај на автопатот на Коридотор 10 во Грделичка клисура, кај Владичин Хан, а ќе биде придружуван од министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.

 

Коридорот 10 ќе го отвори за сообраќај српскиот претседател Вучиќ, а на свечената церемонија, како што соопштија од неговиот Кабинет, ќе присуствуваат и премиерката Ана Брнабиќ и министерката за градежништво, сообраќај и инфраструктира Зорана Михајловиќ.

 

Според протоколот, претходно, во попладневните часови српската делегација со претседателот Вучиќ ќе направи обиколка на новиот автопатат на делницата низ Грделичка клисура, на делот на Косината 2, клучката Предејане, Момин камен и кај тунелот Манајле.

 

Свеченото отварање на јужниот крак на Коридорот 10 и обраќањето на претседателот Вучиќ и премиерот Заев е предвидено на платото под мостот Врла на делницата од автопатот кај Грделичка клисура.

 

-Мислам дека пристигнувањето на Заев е важна вест и го покажува значењето на Коридорот 10, изјави претседателот Вучиќ во пресрет на отварањето на автопатот, додавајќи дека од Белград до Северна Македонија сега ќе се стигнува за три часа.

 

Тој потсети дека на делницата на автопатот преку Грделичка клисура од 26,3 километри, претходеше отворањето на делницата од Грабовница до Грделица од 5,6 километри, потоа Владичин Хан-Врање од 28 километри и Левосоје-Српска куќа од 10 километри.

 

-Треба да се гордееме, ова со децении го чекавме. Автопатиштата нè поврзуваат, носат нови работни места, повисоки плати и повеќе туристи, наведе српскиот претседател, кој на својот Инстанграм додаде дека Коридорот 10 е еден од најзначајните пан-европски транспортни коридори што поминуваат низ Србија.

 

Според министерка за градежништво, сообраќај и инфраструктура Зорана Михајловиќ, работите во Грделичката клисура чинат речиси 400 милиони евра и ова беше најтешкото градилиште во Европа.

 

Според неа, досега странците ја заобиколувале Србија, па така пред четири години на Коридорот 10 имало околу 36 милиони автомобили годишно, а веќе минатата година имало 56 милиони автомобили.

 

Со отварањето на делницата кај Грделичка клисура, Србија преку Коридорот 10 ќе биде целосно поврзана со 600 км долг автопат од границата на Северна Македонија до границата со Унгарија.

 

На делницата преку Грделичка клисура долга 26,3 километри, возачите од Северна Македонија и Србија ќе имаат можност да поминат низ два нови тунела и 33-те конструирани моста. Тунелите Предејане и Манајле се со вкупна должина од 2,8 километри, минирани се ридови заради „скротување" на природата, “исправнено” е коритото на реката Јужна Морава, а 33-те мостови се со вкупна должина од 5,7 километри.

 

На делницата кај Гредичка клисура вградени се 560.000 тони асфалт, а вкупната должина на сите потпорни конструкции е околу 15 километри.

 

Поради тежината на изградбата, особено на Косината 2, каде што се урна дел од ридот, изведувачите мораа да изградат галерија со 110 бетонски носачи, вградени се 7.000 тони арматура и отстранети се 170.000 кубни метри земја.

 

На Косината 3, на лизгалиштето кое е едно од најсложените на оваа делница, ископани се над 500.000 кубни метри земјиште.

 

Мостот Врла, кој е долг 645 метри, воедно е и најдолгиот и највисок мост на јужниот крак на Коридорот 10, чиј највисок столб е висок 62 метри.

 

Коридорот 10 е еден од најважните пан-европски транспортни коридори што поминуваат низ Србија и ги поврзува Австрија, Унгарија, Словенија, Хрватска, Србија, Бугарија, Северна Македонија и Грција. 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.