Најдобрите десет матуранти од делчевската гимназија ќе патуваат низ Европа

Најдобрите 10 матуранти од гимназијата „Методи Митевски – Брицо" од Делчево и годинава ќе добијат наградно патување низ Европа. Патувањето ќе трае 14 дена, а ќе одат на ексклузивни туристички места во Шпанија и Италија.

 

Градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски информираше дека средствата за наградното патување од околу 300.000 денари се обезбедени од буџетот на Општината

– Доделувањето на оваа награда е со цел да се поттикнат учениците да постигнуваат одлични резултати во текот на нивното школување, но и да останат да се школуваат во делчевскиот средношколски центар, бидејќи и овде можат да се стекнат со солидни знаења, рече Трајковски.

 

Постапката за избор на десетте најдобри ученици-матуранти ја спроведе соодветна Комисија од СОУ„М.М.Брицо" Делчево, согласно критериумите од Правилникот со кој се уредува начинот, условите и критериумите за постапката за доделување награди и признанија на Општина Делчево.

Наградите на десетте најдобри ученици од Делчево ќе им бидат доделени на нивната матурска вечер.

 

За ученик на генерацијата во ова училиште годинава е одбрана ученичката Мелани Марковска.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.