Средба на претседателот Џафери со членовите на билатералната парламентарна група за соработка на Австрија

Во рамките на дводневната официјална поста на Република Австрија, делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија која ја предводи претседателот Талат Џафери денеска имаше средба со членовите на билатералната парламентарна група за соработка Австрија – Република Северна Македонија, предводена од Штефани Криспер.

 

Како што соопшти собраниската прес-служба претседателката на пратеничката група за соработка Криспер истакна дека, постоењето на групата го демонстрира интересот на австриската страна за развивање поблиски односи со Собранието на Република Северна Македонија и го повтори ставот на Австрија за поддршка на процесот на проширување на Европската унија, нагласувајќи ја и потребата од продолжување на реформите во државите од Западниот Балкан.

 

Претседателот Џафери информираше за динамиката на реформскиот процес во областите утврдени со Заклучоците на Советот на Европската Унија, особено во областа на судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал, реформата на разузнавачките и безбедносните служби, како и реформите во јавната администрација, нагласувајќи дека со оглед на долгогодишниот кандидатски статус, државата е добро подготвена за преговорите за членство.

 

Во состав на делегацијата се пратениците Реџаил Исмаили и Мери Лазарова и генералната секретарка Цветанка Иванова,  кои со своите колеги разменија информации за спроведувањето на Преспанскиот договор, за прашањето на мигрантите и заштитата на јужната граница на Северна Македонија, како и за формите на идната билатерална соработка и можната посета на членовите на австриската група за соработка на Република Северна Македонија, со цел директно запознавање со состојбите во државата, давање конкретна поддршка и зацврстување на билатералните односи.

 

На средбата беше нагласена и важноста од воспоставувањето на лични врски меѓу пратениците, како клучни за запознавање со реалната слика на состојбите во државата, како и давање поголема поддршка за ЕУ аспирациите.

 

-Од наша страна беше побарано Австрија да лобира за доделување на датум за преговори во јуни оваа година во однос на државите кои изразуваат резерви и скептицизам за проширувањето во пресрет на изборите за новиот состав на Европскиот парламент, сложените односи во Унијата и предизвиците од Брегзит.  Претседателот Џафери потенцираше дека, ако постигнувањето на Договорот со Грција е најдобрата вест која доаѓа од регионот и од Европа, тогаш заслужуваме тоа да биде признаено и валоризирано со отворање на пристапните преговори, се вели во соопштението од Собранието.

 

Пратениците од двете страни изразија надеж дека и во иднина ќе продолжи билатералната соработка и силната поддршка на Република Австрија за нашиот европски реформски процес.

 

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.