ДИК: Пендаровски 42,85 отсто, Силјановска-Давкова 42,24 и Река 10,57 отсто

Скандинавски, мирни, фер и демократски. Ова се оценките за вчерашните претседателските избори од учесниците во изборниот процес, организаторите и МВР.

 

Претседателот на Државната изборна комисија Оливер Дерковски доцна синоќа изборниот процес го оцени како чист и мирен.

 

Според резултатите објавени на веб страницата на ДИК од обработени 99,96 отсто од гласовите, води претседателскиот кандидат на СДСМ и Коалицијата Стево Пендаровски со 42,85 отсто, втора е кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Гордана Силјановска Давкова со 42,24 отсто, а трет е кандидатот поддржан од Алијансата за Албанците и Беса, Блерим Река со освоени 10,57 отсто од гласовите.

 

Изразено во гласови, од досега преброените за Пендаровски гласале 323.846 граѓани, за Силјановска-Давкова 319.240 , а за Река 79.915 граѓани. Неважечки се 32.828 ливчиња.

 

Одзивот во првиот круг на Претседателските избори изнесуваше 41,82 отсто или на гласање излегле 755,816 граѓани. Вчерашниот прв круг од претседателските избори помина со досега најнизок одзив на гласачите споредено со претходните изборни циклуси за шеф на државата.

 

Новиот претседател на државата ќе се избира во вториот круг што треба да се одржи на 5 мај. Граѓаните ќе избираат меѓу двајцата кандидати кои вчера освоија најмногу гласови Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова. За да биде избран новиот шеф на државата, на гласање ќе треба да излезат повеќе од 40 отсто од запишаните избирачи, односно 723.253 гласачи.

 

 

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.